Во клубот „Јагода“ во Битола се одржа концерт под наслов Thursday We Jazz на кој настапи македонскиот џез гитарист, композитор и аранжер Георги Шарески со своето трио. Специјален гостин беше младиот трубач со париска адреса и македонски корени Симеон Петров.

Шарески е џез музичар од светска класа, дипломец е на колеџот „Беркли“ во САД, има издадено седум албуми со оригинална музика и настапува на познати џез-фестивали низ цела Европа и светот. На концертот настапи со познатата формација во која се Оливер Јосифовски на бас и Александар Петровски на тапани. Концертот на Шарески триото само потсети колку џезот е иновативен, колку личните стилови на музичарите имаат слобода, покажувајќи ја таа идеална димензија во која секој музичар има свој уникатен звук, како што секој човек има уникатен карактер. Младиот Петров, кој е роден и живее во Париз воодушеви и даде една поинаква димензија на неколку одбрани постари дела на Шарески, како и музика инспирирана од балканските, американските, па и африкански ритмови и мелодии.

Во џез-клубовите во Европа секогаш има концертна атмосфера. Публиката го посветува целото внимание кон бината, никој не зборува гласно, озвучувањето е совршено, а бендот може да изведува и дела со најнежна динамика. Тоа се случи во клубот „Јагода“ и ја направи таа квалитетна разлика со она што се случува на нашите простори, кога доаѓаат џез музичари, односно кај нас музиката во живо во кафулињата и клубовите најчесто е третирана како позадинска, што го минимизира она што таа има да го каже и искомуницира со публиката.

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.