Проектот КУАМЕН е едукативна програма за развој на систем на менторство во земјава, базирана на искуствата на експертски тим

Обука на компетентни наставници-ментори, оспособени за квалитетно следење и поддршка на практичната настава и работата на студенти-идни наставници е целта на проектот КУАМЕН кој се спроведува во земјава. Од Македонија во програмата е вклучен тим од Педагошкиот факултет при „Св. Климент Охридски“ во Скопје, каде веќе се одржаа првите обуки за менторите и идните наставници. Пилот-проектот вклучува 80 учесници – 20 ментори, 60 студенти-идни наставници и 10 училишта. Професорите од Педагошкиот факултет детаљно објаснуваат какви придобивки ќе добие нашиот образовен систем од спроведувањето на програмата.

Проф. д-р Весна Макашевска

Проф. д-р Весна Макашевска објаснува дека проектот КУАМЕН пред сè е едукативна програма за развој на систем на менторство во земјава. Базирана е на искуствата на експертскиот тим.
– Но, тие искустава ќе се докажат со имплементација на менторирање на студентите–идни наставници кои реализираат практична настава во училишта во тековниот семестар. Едукативната програма нуди концепт на менторирање ориентирано кон пристапите на учењето во наставата, насочено кон практиката што промовира граѓанство, демократија и човекови права – вели Макашевска.

Таа објаснува дека досегашното реализирање на практичната настава на наставничките факултети наидувало на низа потешкотии – малиот број на училишта што прифаќаат студенти-идни наставници, но и недоволно подготвени наставници.
– Иако станува збор за наставници со развиени компетенции, кај нив недостасуваат практични знаења и вештини за поддршка и следење на студентите-идни наставници и младите наставници. Сето ова резултира со недоволна подготовка на студентите-идни наставници за справување со реалните предизвици што ги носи современата училница, вклучително и оние поврзани со различноста, етничката припадност, хетерогеноста на учениците – вели Макашевска.

Обучени ментори ќе водат студенти-идни наставници

Тие очекуваат со проектот да обучат пред сè компетентни наставници-ментори, оспособени за квалитетно следење и поддршка за време на практичната настава работа на студенти-идни наставници. Ваквиот директен пристап на менторирање со квалитетна супервизија и поддршка за време на практичната работа ќе придонесе за развој на практичните компетенциите на студентите идни наставници, оспособени за управување на наставниот процес во 21 век. Според Макашевска, придобивките се на повеќе нивоа, а ќе ги имаат сите вклучени страни во проектот. Наставниците-ментори ќе имаат корист во кариерниот развој, директно преку бенефитите од квалитетна обука, но и да се гледаат себеси како ментори во иднина. Преку воспоставениот менторски систем, универзитетските професори ќе добијат конкретен приказ за практичната настава, но и реален пристап до вистинското училиште. Тоа поттикнува преиспитување на сопствената наставна практика, но и развој и унапредување на универзитетските предмети.

– Најважно од сè е што ќе добијат учениците? Тие ќе добијат добро обучени и практично тестирани млади наставници, спремни да одговорат на предизвиците на современата училница – вели Макашевска.

Со проектот за прв пат во регионот се нуди обука која се фокусира на менторството, насочено кон стекнување знаења и вештини за поддршка и насочувуање на студентите и младите наставници преку следење на нивната активност во училиштата и давање професионални повратни информации. Според Макашевска, сознанијата стекати со имплементацијата на проектот „Подготовка на идни наставници на Западен Балкан“ (FTWB) (финансиран од норвешкото Министерство за надворешни работи и предводен од Европскиот центар Вергеланд) во кој учествуваат 12 универзитети од регионот, покажала дека состојбата и во земјите во регионот е слична.

– Иако во некои држави, на пример во Србија, наставниот кадар има повисок степен на образование од наставниот кадар кај нас, во кариерниот развој на наставниците е опфатено менторирањето на студентите и младите наставници. Но, сепак и во овие земји отсуствува едукативна програма со која се нуди систем за менторирање. Затоа и нашите очекувања од пилот-проект КУАМЕН е да се добие развиена, тестирана и евалуирана обука за имплементацијата на оваа менторска програма кај нас, но и во други земји. Така ќе се поттикне квалитетот на обуката на наставниците во целиот регион – вели Макашевска.

Проф. д-р Лулзим Адеми: Реакциите од обуката се фантастични

Според проф. д-р Лулзим Адеми, секаков вид на квалитетна обука секогаш е неопходна и добредојдена за наставниците, посебно кога таа е водена од експерт како професорот Ролф Голоб од Универзитетот за едукација во Цирих, Швајцарија.
– Неговото огромно искуство во обуката на ментори стекнато низ годините имаа прилика низ практични примери да го искусат и колегите од градинките, основните и средните училишта кои ја следеа првата обука во рамките на проектот КУАМЕН. Огромно беше задоволство да се слушаат коментарите на колегите очекувале долг и здодевни низи слајдови од разни презентации. Но, кога видоа дека сè се работеше интерактивно, сите се вклучуваа во дискусиите, коментираа, сфатија дека навистина ќе научат нешто корисно – објаснува Адеми.

Проф. д-р Лулзим Адеми

Повеќето од нив многу години веќе воделе студенти во својство на нивни ментори, но заклучиле дека обуката видно ќе ја промени нивната работа со студентите-идни наставници и дека овие сознанија не може да се добијат преку следења на разни онлајн-обуки што во последно време се нудат во изобилство.
– Се согласувам со нивното мислење дека добро структурирана обука со јасно поставени цели нуди можности за унапредување на сознанијата на секој слушател. Технологијата е важна и неопходна во ова дигитално време, но сепак таа не може да замени сè. Квалитетен ментор, што сакаме да добиеме со овие обуки, е наставник подготвен да го следи студентот-иден наставник низ целиот процес, кој ќе му дава целосни повратни информации за сите негови постигнувања. Тоа подразбира и информации за часови кои можеби некои од нив ќе треба да ги одржува и преку разни платформи во ова време на пандемија – вели Адеми.

МОН е исклучително важен партнер

Според проф. д-р Маја Рауник-Кирков дисеминацијата на активностите на пилот-проектот „Квалитетна обука преку менторство за идните наставници (QUAMEN)“ е особено важно за актуализирање на состојбата и подигнување на свесноста за огромното значење на практичните искуства на студентите. Првата директна дисеминација ќе ја спроведат учесниците на работилницата кои биле презадоволни од стекнатите знаења и активностите и ќе ги споделат со своите колеги. Информации за сите нови содржини ќе се споделуваат преку е-медиумите и веб-сајтовите на Европскиот Вергеланд Центар, Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, Педагошкиот факултет „Св. Климент Охридски“ и на соодветните страници на фејсбук.

Проф. д-р Маја Рауник-Кирков

– Најважна дисеминација на комплетната обука на ментори на студенти-идни наставници ќе се одвива преку Центарот за обука на студенти-идни наставници кој по завршување на пилот -проектот ќе се формира на Педагошкиот факултет „Св. Климент Охридски“ во Скопје. Во него ќе продолжиме да соработуваме со Циришкиот универзитет за образование на наставници и со водечкиот светски експерт од оваа област, професорот Ролф Голоб во споделување на современите методички ставови за реализација на неоходните компетенции на наставниците – вели Рауник-Кирков.

Таа додава дека МОН е исклучително важен партнер во реализација на пилот-проектот КУАМЕН. Неопходни се интегрирани активности на двете сфери: врвни проверени научни достигнувања од сферата на високото образование имплементирани во сите училишта во државата.
– Тука е клучна улогата на Министерството, во донесување на легислатива со која ќе се овозможи поддршка во имплементација на системот на ментори на студентите-идни наставници во сите едукациски установи во државата. Ваквото стратешко позиционирање ќе овозможи континуиран системски проток на современи информации низ целиот едукациски ситем во државата и особено важно – поттикнување на кариерниот развој на наставниците – вели Рауник-Кирков.

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.