Шаќири: Не се работи за отпуштање хонорарно вработени лица, туку неможност за продолжување договор

Не се работи за отпуштање на хонорарно вработени лица, туку неможност за продолжување договор за хонорарно вработување до крајот на изборниот процес. Договорите на хонорарните вработувања, според правилникот на Државната комисија за спречување на корупција во врска со изборите, се прекинуваат до моментот на завршување на изборниот процес – изјави Арбен Шаќири за Умно.мк, по информацијата дека 30-ина лица нема да работат во МКЦ.

МКЦ како и сите други институции е должна да ги почитува насоките на институциите надлежни за спроведување на изборниот процес, додава Шаќири.

Оваа одлука предизвика лавина реакции кај културната јавност, пред се’. Во анонимно писмо до јавноста, неколку дејности што му носат и приходи на МКЦ нема да можат да функционираат, како што е Планетариумот, Детскиот културен центар, кафулето, а киното „Милениум“ ќе работи со преполовена дејност.

– Договорите кои се прекинати воопшто не се поврзани со користењето на буџетските средства, туку се однесуваат на соработници кои генерираат приход и истите соработници се исплаќаат од генерираниот сопствен приход. Одлуката што ја донел директорот е едострана и неоснована, уште повеќе штетна за институцијата која ако не работи во наредните неколку месеци, ќе се нанесе непоправлива штета на долг рок. МКЦ досега се соочил со мноштво изборни процеси во кои биле ангажирале лица согласно законските насоки. Дополнително, институцијата во 2023 е доведена во незавидна финансиска положба и без програмата која носи приход, е невозможно да се намалат милионските долгови продуцирани во толку краток период – велат во писмото.

Сподели