Северџан Бајрам е добитник на „Голема ѕвезда на македонскиот филм“

Актерот натуршчик Северџан Бајрам е добитник на наградата „Голема ѕвезда на македонскиот филм“, што ја доделува Друштвото на филмски работници на Македонија.

Северџан Бајрам (1966, Скопје), е филмски актер-натуршчик со интернационална кариера, познат по филмовите „Џипси меџик, „До балчак,  на Столе Попов, „Црна мачка, бел мачор и „На Млечниот пат“ на Емир Кустурица; „Како убив светец“ на Теона Стругар Митевска; „Трето полувреме“, 2012 на Дарко Митревски, „Случајна сопатничка“, 2004 на Среќко Јурдана; краткиот игран филм „Железна приказна“ на Златко Калеников, „Via Carpatia“ на Каспер Бајон и Клара Кочанска.

Учествувал во долгометражниот документарен филм „Книга на рекорди на Шутка“ на Александар Маниќ, неколку сезони настапуваше во ТВ-серијалот со неговиот алтер его Доктор Кољо, како и во 4 сезони од ТВ-серијата „Преспав“.

Со наградата „Голема ѕвезда на македонскиот филм“ се оддава признание за исклучителен придонес за македонската кинематографија. Наградата е воведена во 2013 година, а традиционално се доделува во рамките на Меѓународниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“.

Досегашни добитници на наградата на ДФРМ се Кирил Ценевски, филмски режисер и сценарист (2013); Милчо Манчевски, филмски режисер и сценарист (2014); Дарко Марковиќ, карикатурист, сатиричар, филмски режисер (2015); Сајмон Пери, филмски продуцент (2016); „Вардар Филм“, продуцентска компанија (2017); Милица Стојанова, глумица (2018); Љупчо Константинов, композитор (2019); Столе Попов, филмски режисер и сценарист (2020).

Насловна фотографија: Сцена од „Црна мачка, бел мачор“ (October Films)

 

Сподели