Филмот „Сестри“ на Дина Дума ја освои специјалната награда за најдобар филм во селекцијата „Источно од Западот“ на престижниот Филмски фестивал во Карлови Вари, Чешка. Првиот долгометражен филм на младата Дума беше во конкуренција со 11 други филмови од Србија, Унгарија, Чешка, Литванија, Кипар, Грузија, Русија, Полска и Црна Гора.

Дума го сними во 2019 гдина на урбани локации низ Скопје, во продукција на „Лист“.  Во жирито на оваа селекција беше и македонскиот продуцент и монтажер Атанас Георгиев.

Во селекцијата „Источно од Западот“ влегуваат први или втори долгометражни филмови на авторите и документарци од Централна и Источна Европа, Балканот, земјите од поранешниот Советски Сојуз, Средниот исток и Северна Африка. Станува збор за филмови кои ќе имаат светска или европска премиера на овој фестивал.

„Сестри” е приказна за две тинејџерки чие пријателство е ставено на тест кога тие се соочени со последиците од нивното декадентно однесување. Во главните улоги се Антонија Белазелкоска и Миа Жиро.

Продуцентка е Марија Димитрова, сценариото е на Дума и Мартин Иванов, кинематографер е Наум Доксевски, монтажер Мартин Иванов, сценографијата ја правеа Кирил Спасевски и Симо Бранов, костимите Роза Трајческа-Ристовска, а шминката е на Жанета Димитриевска.

„Сестри“ е поддржан од Агенцијата за филм и е регионална копродукција со Црна Гора и Косово.

Гости на затворањето беа и холивудските ѕвезди Џони Деп и Итан Хок.

 

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.