Филмот „Сестри“ во режија на Дина Дума е национален кандидат на Македонија за наградата „Оскар“ за најдобар долгометражен интернационален филм за 2022 година, соопшти Друштвото на филмските работници на Македонија. Одлуката ја донесе комисијата со која претседаваше Дејан Димески, кинематографер, а членуваа Роберт Јанкулоски, фотограф и кинематографер, Петар Богоевски, дизајнер на светло, Несрин Таир, актерка, Снежана Поњевиќ-Муча, сценографка, Александар Пејовски, композитор и Дритон Вејсели, актер. Во конкуренција за кандидатурата бил и филмот „Исчезнатиот“ во режија на Арбен Тачи.

Кандидатурата на „Сестри“ е прифатена и одобрена од Американската академија за подвижни слики, уметност и наука која објави дека 94. церемонија за доделување на Оскарите ќе се одржи на 27 март 2022 година во Лос Анџелес.

Филмот „Сестри“ е во продукција на „Лист продакшн“ и освои награда на фестивалот во Карлови Вари, а наскоро ќе ја има јужноамериканската премиера на Интернациналниот филмски фестивал во Сао Паоло во Бразил.

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.