На 45. Денови на македонската музика вечерва во 20 часот во Музејот на македонската борба ќе биде организиран концертот „Шест раце за шест премиери“ – концерт за пијано трио „Триптих“. Ќе настапат: Марија Вршкова, Сара Пројковска и Елена Атанасовска Ивановска.

На програмата се дела од: Михаило Трандафиловски (Саати, 2022), Ана Пандевска (Пулсирачки град, 2021), Дарија Андовска (Враќање – Тешкото, Везилка, Починка, 2022), што претставува отворен циклус за 30 прсти, инспириран од поезијата на и во чест на Б.Конески. Ќе бидат изведеби и дела на Дамјан Темков, Бете Илин и Филип Иванов.

За Марија Вршкова музичката критика ќе каже дека е уметница која со својата експресивност ѝ даде печат на македонската пијанистичка школа на почетокот на 21-от век. Вршкова се вбројува во редот на најголемите афирматори на современото и особено македонското музичко творештво. Дипломирала на Факултетот за музичка уметност во Скопје со највисоката оцена на ниво на универзитет, со кум лауде (класа на проф. Тодор Светиев), каде ги завршува и магистерските студии. Во текот на студиите е добитник на повеќе награди во рамките на поранешна Југославија, а како најзначајна меѓународна наградата се истакнува Третата награда на Меѓународниот натпревар за млади пијанисти во Рим, Италија. Вршкова учествувала на бројни семинари по пијано и камерна музика, а неколку пати е единствен претставник на Македонија во Светскиот младински оркестар каде соработува со врвни диригенти и солисти.

Вршкова негува посебен афинитет кон современата музика, совладувајќи ги најновите пијанистички техники. Реализирала повеќе од 50 светски премиерни изведби на солистички и камерни дела на македонски и странски автори. Реализирала неколку камерни цедеа со истакнати македонски уметници (Ана и Олег Кондратенко, Блерим Груби и Страшо Темков), а во 2010 го издава своето прво солистичко ЦД со македонска музика за пијано. Како солист и камерен музичар настапувала во Турција, Хрватска, Холандија, Германија, Полска, Велика Британија, Украина, Италија, Бугарија, Русија, САД, Бугарија, Србија, Полска, Грција и Австрија, на фестивалите „Охридско лето“, „Денови на македонска музика“, „Златна лира“, „Хераклејски вечери“ и други. Како врв на уметничката дејност е наградата за специјално уметничко достигнување, добиена од страна на интернационалното жири на интернационалниот натпревар Охридски бисери, 2009-та година, како и трите награди Виртуози, за музички изведувач, 2013-та година, Камерен состав 2015-та година и Камерен состав 2016-та година. Марија Вршкова во моментот работи како вонреден професор при ФМУ Скопје.

Сара Пројковска дипломира на ФМУ во Скопје (класа на проф. Борис Романов). За време на своето школување учествува на многу домашни и меѓународни натпревари, каде забележува бројни успеси, и како солист и како пијано придружувач. Во 2000 година, Ректоратот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ свечено ѝ ја доделува наградата „26 јули, Frank Maning“ за најдобар студент на генерацијата, доделена од страна на истоимената фондација. Во 2008 година ги завршува постдипломските студии на отсекот за корепетиција на ФМУ во Скопје (класа на проф. Јасминка Чакар). Покрај концертите при МБУЦ и ФМУ, програмската шема на Салон 19’19, СМУМ, Даут Пашин Амам, активно концертира на домашната сцена и во склоп на реномираните фестивали „Скопско лето“, „Охридско лето“, „Денови на македонска музика“, „Златна лира“, „Есенски музички свечености“. Не помалку важни се настапите што ги реализирала во склоп на ликовни колонии, поетски вечери, јубилејни и хуманитарни концерти, како и на промоции на нови изданија. Нејзиното присуство е забележано и на меѓународна сцена, настапувајќи во Италија, Бугарија, Турција, Франција и Чешка. Реализирала бројни тонски и видео записи за МРТВ. Активно концертира во склоп на активностите на ФМУ, а редовно соработува со Македонската филхармонија и МОБ како уметнички соработник, а работи и на сценски проекти при МНТ и Театар Комедија. Сара Пројковска е вонреден професор по пијано на Факултетот за музичка уметност во Скопје.

Елена Атанасовска – Ивановска е една од најуспешните и најафирмирани македонски уметници која се издвојува со својот префинет звук и елегантен израз, но и огромната продуктивност, евидентна по големиот број на настапи во Македонија и надвор од неа. Елена настапувала како солист и камерен музичар во Шпанија, Италија, Португалија, Русија, САД, Грција, Република Србија, Бугарија, Босна и Херцеговина, Косово, остварувајќи бројни концерти во рамките на домашните реномирани фестивали.

Како камерен музичар Атанасовска редовно настапува со домашни и странски уметници меѓу кои Марија Ѓошевска, (пијано), Гордана Јосифова – Неделковска (обоа), Горан Начевски (баритон), Ристо Ѓоревски (кларинет), трио Атанасовска/Вршкова/Пројковска, Сергеј Петров (кларинет- Русија), Јакоб Бокун (кларинет- Полска), Пјер Генисон (кларинет – Франција), Тери Роудс (сопран – САД) и други. Во текот на својата наобразба кај педагозите: проф. Лепа Мрмевска и проф. Борис Романов се здобива со повеќе први награди на државните натпревари, како и многубројни награди на меѓународни натпревари во Италилја, Бугарија, Србија. Исто така бележи и настапи како солист со Македонската филхармонија и Камерниот оркестар на Музичка младина на Македонија. Покрај компакт дисковите реализирани во соработка со пијанистката Марија Ѓошевска и кларинетистот Ристо Ѓоревски, таа непрекинато снима како соработник на оркестарот за филмска музика F.A.M.E.S, а од особено значење е издавањето на компакт диск за продукциската куќа DUX со музика од шведската кралска династија Бернадот. Елена Атанасовска – Ивановска е вонреден професор на катедрата по клавишни инструменти при Факултетот за музичка уметност – Скопје.
Влезот е на концертот е слободен.

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.