„Сенки во облаците“ е насловот на изложбата на дела од Емил Шулајковски со која вечерва во 20 часот во Чифте амам тој ќе одбележи тридецениско творештво. Изложбата е составена од пет одвоени циклуси создадени во изминатите пет години, изведени во техниките масло и акрил на платно, како и акварел на хартија, што од своја страна претставува увид во еден опсежен творечки континуум, во кој на извесен начин се сублимирани „состојбите“ на емоциите и свеста, односно личната естетиката на создавањето. Куратор на изложбата е Маја Чанкуловска-Михајловска, виш кустос, а ќе биде поставена до 20 октомври.
Според Чанкуловска-Михајловска кај Шулајковски не може да се избегне импресијата според која тој својот карактеристичен ликовен ракопис го заснова и дефинира преку бојата како основен сликарски постулат.
– Како една од основните карактеристики на сликарството на Емил Шулајковски за почеток може да ја издвоиме доследноста на константата која подразбира визуелизација на доживувањата преку експресионистичка изразност со боја врз платно, при што авторот ги спојува лирската апстракција и апстрактниот експресивен гест во динамични ликовни форми со пантеистичка животна и уметничка филозофија – вели таа.
Изложбата е поделена во пет циклус: „Градина на задоволствата“ (2019-2023), „Трансформација на симболите“ (2023), „Рефлексии на моментот“ (2023-2024), „Виор во мислите“ (2023-2024) и „Сенки во облаците“ (2023-2024).
Емил Шулајковски (1969, Скопје) дипломира и магистрира на Факултетот за ликовни уметности – Скопје. Реализирал 28 самостојни изложби во Скопје, Кавадарци, Куманово, Тетово, Битола, Охрид, Белград, Ниш, Подгорица, Љубљана, Силер Сити, Лексингтон, Њујорк, а учествувал на преку седумдесет групни изложби. Неговите дела се застапени во приватни и јавни колекции во земјава и во странство. Добитник е на четири национални награди за сликарство.