Семих Капланоглу: Филмот не се снима во камерата, туку во умот

Годинешниот лауреат на наградата „Златна камера 300“ за особен придонес во светската кинематографија, Семих Капланоглу, денеска одржа мастерклас во киното „Манаки“ во Битола. Зборуваше и за неговото детство и родителите, за почетоците во неговата кариера, како и за искуствата со снимањата на филмовите на кои работел. Разговорот со него го водеше филмскиот критичар Благоја Куновски Доре.

Турскиот кинематографер Капланоглу пред присутните кажа дека многу важен спомен за него ќе остане наградата која му беше доделена синоќа на 46. издание на ИФФК „Браќа Манаки“. Сподели интересни случки поврзани со неговото образование на Универзитетот „Докуз Ејлул“, каде што се стекнал со диплома за филм и телевизија.

– Во осумдесеттите години, немавме баш слободна средина, имавме потешкотии да стасаме до негативи од филмови или филмови кои можевме да ги користиме во нашето образование. Во класата бевме само пет студенти. Мојот професор Октај, на секој од нас ни даде камера од 8мм. Ни кажа дека лентите се заклучени, а дека секоја лента трае по 3 минути. Рече да излеземе и да снимиме наши филмови. Ние ги снимивме нашите филмови, а јас внимавав буквално на секоја снимена секунда. Откако ги вративме камерите на професорот, професорот ни кажа дека може да ги отвориме камерите и да ги извадиме лентите, по што сфативме дека камерите се празни, без ленти. Тој ден научив дека филмот не се снима во камерата, туку во умот. Тоа беше важна лекција за мене – рече Капланоглу.

На почетокот на мојата кариера работев со двајца млади кинематографери затоа што нивната страст и нивната енергија им дозволува да работат многу напорно и со таа свежина успеваат да го доловат значењето на нештата од зад камерата, рече тој на прес-конференцијата што се одржа утрото.

-Целата моја кариера е посветена на откривањето на значењето на нештата. Но, морам да истакнам дека сум работел и со многу искусни кинематографери, така што ја комбинирам работата со искусни волци, но и со млади кинематографери. Исто така многу од нив што на почетокот биле асистенти подоцна станале мои кинематографери. Уште од тогаш се обидувам да го одговорам истото прашање: Која е причината и која е реалноста за таа светлина? И се’ уште не сум сигурен дека сите наши сетила можат целосно да ја доволат и да ја впијат реалноста. Затоа верувам дека филмот и уметноста се оние кои ја доловуваат сивата зона меѓу светлината и ултимативната реалност, рече Капланоглу.

Семих Капланоглу е признат турски сценарист, режисер и продуцент роден во 1963 година, познат по филмовите од Трилогијата за Јусуф (Јајце, Млеко, Мед), со кои стекна меѓународно признание, вклучувајќи го и престижното признание, наградата Златна мечка за филмот „Мед“ на Берлиналето во 2010 година. Овој филм раскажува приказна за младо момче кое си го бара неговиот татко кој е одгледувач на пчели откако пчелите исчезнале, а беше славен поради неговата моќна едноставност. Тоа беше прв пат турски филм да добие престижна награда после 1964 година.

Сподели