На денешен ден пред 70 години е роден драматургот Горан Стефановски, еден од најголемите писатели и мислители родени во Македонија. Почина на 27 ноември 2018 година. Пренесуваме дел од интервјуто направено во Стокхолм во 1998 година 

Културата е секогаш мелез. Културата е секогаш композит на неверојатно различни влијанија. Да речеме, во културна смисла, јас сум една необјаснива компликација на џез саксофонистот Џон Колтрејн, на Џон Ленон, на баба ми Алтана, на брат ми Влатко и жена ми Патриша, на Војдан Чернодрински и на Марко Цепенков и на Кинеската опера. Во таа смила, во културна смисла, сите сме мелези. Културата не поднесува национални граници, таа не знае што се политички граници, културата е турлитава. Но, освен културниот идентитет, кој е мелез, постои и национален идентитет. Проблемот е што сите ние сакаме националниот идентитет да си го чуваме чист и тука правиме проблем со културниот идентитет.

Обично се смета дека постои нешто, таму некаде на хоризонтот, што е чист, национален идентитет и сите се во потрага по неговата чистота, сите национални држави се во потрага по некоја чистота која е секогаш фиктивна и за да се допре до неа обично се оди преку крв. Тој тип на чистота. Како што се покажа на теренот на Балканот последниве години. Ми се чини дека нема ништо чисто и нема ништо дефинитивно во проблемот на идентитет.

На пример, од какви сè идентитети сум составен јас? Прво од идентитет на родител. Моите обврски кон моите деца пред три години беа сосем различни од моите обврски кон моите деца сега, кога тие се поголеми. Јас секојдневно морам да работам на мојот родителски идентитет, да го преиспитувам, да ги разгледувам моите обврски одново и одново, да се подготвувам да ги растурам старите варијанти на тоа кој сум бил и да одам кон нови. Тоа е родителскиот идентитет кој сите го имаме. Втор, професионалниот идентитет. Секое сабајле, секоја вечер се прашувам кај сум, што сум, која е новата драма, како да ја направам оваа сцена. Прашањето на идентитет е една приказна која трае. Тоа не е нешто кое е запишано.

Гледав сега една емисија за Косово, што ги учат српските деца во училиште – дека пред 500 години е изгубена една битка на Косово и дека сега тие треба да се подготвуваат да ги платат тие сметки. Тоа е идентитет?! Тоа е начин на учење кој си?!

Идентитетот е секогаш приказна за тоа кои сме. Кога ќе ги земеш учебниците од прво одделение, ние сме имале едни, сега нашите деца имаат други. Некој тие учебници ги пишува. По нарачка, и некој тие нарачки ги прави. По кој терк, по која идеја? Која е таа приказна која некој ни ја нуди? Дали е тоа Министерство за култура или Министерство за образование, а некој таа приказна и на нив им ја нуди. Некаде се прават тие приказни кои ни кажуваат нам кои сме. И заради кои обично нè водат во војска, нè водат во војна, ни кажуваат вакви или онакви приказни на телевизија… Кој ги нуди овие приказни и зошто баш тие, а не некои други?! Тоа се сè работи кои мене битно ме интересираат.

Исто како што се развиваат сексуални идентитети и сите други, така се развиваат и овие национални идентитети. Зошто да е тоа некаде запишано со златни букви, таму некаде пред 500 години, пред 1.000 години. Замислете ги кутрите Монголци кои пред 1.000 имале еден опасен апаш кој се викал Џингис кан. Пред 1.000 годидни отишол ја растурил цела Европа. И сега во Улан Батор, во шатори седат разни Монголци и си викаат, леле, да ни е пак Џинсгис кан, па пак да тргнеме така. Со тој националн идентите треба да живеат и да се подготвуваат да го сретнат 21 век?

Секоја нација си има ваква фикција, за нивниот опасен апаш. Сите мечтаат по апашите што ги имале порано, кон моќните луѓе. Јас тие работи ги нарекувам историски ерекции.

Извадок од интервјуто на новинарката Марија Зафировска со Горан Стефановски, снимено во Стокхолм во 1998 година, за МРТВ.

Насловна фотографија: Патриша Марш/Википедија

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.