Секоја доза е битна за да ве заштити: Европска недела на имунизација

Во европскиот регион на СЗО и насекаде низ светот, невакцинираните и нецелосно вакцинирани лица остануваат изложени на ризик од заразување со болести што може да се спречат, како што се малите сипаници, дифтеријата и детската парализа

Во текот на оваа година се справуваме со загрижувачкиот пад на опфатот со вакцинација кај децата ширум светот. Многу од причините за овој пад може да се припишат на влијанијата предизвикани од пандемијата со Ковид-19, но продолжувајќи да се бориме со последиците од оваа разорна болест, важно е истовремено да ги засилиме и нашите напори за контрола и елиминација и на другите болести што може да се спречат со вакцинација, велат од Светската здравствена организација (СЗО) на почетокот на Европската недела на имунизација.

– Во европскиот регион на СЗО и насекаде низ светот, невакцинираните и нецелосно вакцинирани лица остануваат изложени на ризик од заразување со болести што може да се спречат, како што се малите сипаници, дифтеријата и детската парализа. Затоа, нашите јавно-здравствени системи мора да останат будни и подготовтени за пронаоѓање и следење на какви било случаи на болести што може да се превенираат со вакцинација. Мора и да ги потсетиме жителите на овој регион дека секоја дадена вакцина и секоја доза на вакцина е важна при спасувањето животи, важна за сопствена заштита и за заштита на најблиските – велат од СЗО.

Календарот за вакцинација се заснова врз реакцијата на човековиот имунолошки систем на вакцините на различна возраст и на периодот кога ризикот од болестите е најголем. Во Македонија, опфатот во 2020 и 2021 година, како и прелиминарните податоци за 2022 година покажуваат дека некои деца пропуштиле една или повеќе дози вакцина, вклучително и првата доза вакцина против мали сипаници.

– Од суштинско значење е родителите да ја разберат важноста за надополнување на одложените или пропуштените дози на вакцини на своите деца – велат од СЗО.

Во исто време, мора да продолжат напорите да бидат вакцините лесно достапни во Македонија. Спречувањето на епидемии преку вакцинација обезбедува апсорбирање на влијанието на непредвидените закани кон здравствениот систем. Висок приоритет сè уште е и заштитата на најранливите категории население од најлошите компликации на ковид-19. Заедно со Министерството за здравство, Националниот комитет за имунизација, Институтот за јавно здравје, Центрите за јавно здравје и Здравствените Домови кои обезбедуваат услуги за имунизација, а со поддршка од другите партнери на Обединетите Нации, СЗО работеше на иденфикацијата на невакцинираните и нецелосно вакцинираните лица и на олеснувањето на пристапот до Ковид-19 и рутинските вакцини.

– СЗО ја поддржа и иницијативата за зголемување на достапноста до знаења за вакцинација на локално ниво која исто така почнува оваа недела. Поддршката е дадена и на вакцинацијата на лице место „од врата до врата“, преку распоредување мобилни тимови за вакцинација низ целата земја, а во исто време и делење информативни материјали за вакцинација, изработени врз основа на медицината базирана на докази. Овие напори ќе продолжат сè додека сите што ги исполнуваат условите за вакцинација не бидат целосно заштитени – велат од СЗО.

Оваа година се навршуваат 75 години од основањето на Светската здравствена организација. Работејќи заедно со националните власти и со нашите многубројни партнери во изминатите децении, остваривме голем напредок во европскиот регион во подобрувањето и заштитата на јавното здравје што во голем дел се должи на ефективноста на вакцините. На пример, во Европскиот регион на СЗО, детската парализа е искоренета уште од 2002 година. Во Северна Македонија, СЗО работеше на елиминацијата на ендемското пренесување на болестите како што се мали сипаници и рубеола. Од 2009 година, на сите девојчиња им се нуди ХПВ вакцина за заштита од карцином на грлото на матката и други видови на карцином.

Насловна фотографија: СЗО

Сподели