Петра Дрекслер: Секој ден запознавам импресивни жени што претставуваат модел во општеството

Германската амбасадорка во нашата земја се сеќава на првата средба со Алмира Фасљии Муарем, новинарка, активистка за правата на Ромките, една од седумте номинирани жени за „Европска жена на културата“ за 2024 година

„Кога ја сретнав во Шуто Оризари, бев импресионирана од нејзината посветеност и определба да ја подобри ситуацијата на жените во општеството, особено на Ромките. Ми покажа како со личен пример може да се постигне успех во целата заедница“. Со овие збориви германската амбасадорка во нашата земја, Петра Дрекслер се сеќава на првата средба со Алмира Фасљии Муарем, новинарка, активистка за правата на Ромките. Алмира беше една од седумте номинирани жени за „Европска жена на културата“ за 2024 година, што ја организираше Делегацијата на Европската Унија.
Алмира за себе вели дека е жена-борец. На неа не постои предрасуда која не е штетна, а кон ромската популација ги има многу. Сепак, со системската дискриминација нејтешко се справуваат и поради тоа многу Роми живеат на прагот на сиромаштијата.
– Во изминатат деценија тоа многу се одрази и на репродуктивното здравје на Ромките. Во Општина Шуто Оризари 10 години немаше гинеколог. Тоа сега е сменето благодарение на граѓанскиот активизам. Секој ден придонесуваме да се сменат многу нешта – вели Фасљии Муарем.

Алмира Фасљии Муарем

За неа секој ден е борба. Таа не престанува. Кога се запишала да студира новинарство, сакала да биде новинарка. Но, животот на жените, особено на жените во ромската заедница, ја мотивирал да стане активистка во невладиниот сектор. Една од целта е да се постигне еднаквост со мажите во заедницата.
– Номинацијата за „Европска жена на културата“ за мене значи препознавање од институциите, препознавање на проблемите со кои се соочува ромската заедница, а ги има многу. Номинацијата ја посветувам на секоја жена која ми пристапила и заплакала пред мене, а јас плачев со неа. На мајка ми, на баба ми кои се соочувале со толку многу проблеми, сепак стоеле цврсто на своите нозе. Си ја посветувам себеси, се соочувам со толку многу дискриминација и сè уште стојам на нозе. На секоја жена која секојдневно се соочува со безброј проблеми, во образованието, при вработување, во здравствениот систем, а сепак стоиме на нозе – вели младата Алмира.
Таа им порача на сите млади, особено од ромската заедница, дека образованието е исклучително важно. Да продолжат да се образоваат, да не се враќаат назад каде извираат проблемите, туку да бидат активни во невладиниот сектор каде можат да научат како подобро да живеат.

Од настанот „Европска жена на културата“

Амбадорката Дрекслер вели дека за еднаквоста на жените во светот треба секојдневно да се зборува.
– Еднаквоста меѓу жените и мажите и во Германија и во Северна Македонија и во сите земји во светот е важна тема. Во изминатата деценија е направено многу на ова поле, но сепак еднаквоста не е целосно спроведена. Ме радува што во моето секојдневие како амбасадорка овде во Северна Македонија запознавам многу импресивни жени кои служат за пример и можат позитивно да влијаат на сликата за улогата на жената во општеството“, вели Дрекслер.
Таа нагласува дека во македонското Собрание уделот на жени е 42 проценти, што е малку повеќе од процентот на застапеноста на жените во германскиот Бундестаг. И во институциите има голема застапеност на жените.

Фото: Europe House Скопје

Сподели