Филмот „Шеќерни луѓе“ на режисерката Сузана Диневски е вклучен во престижната публикација на Паоло Казароли – „Светска книга на кратки филмови“, која содржи над 4000 филмa што биле прикажани на различни меѓународни фестивали за краткометражни филмови, информира Агенцијата за филм.
Публикацијата на Казароли, кој е и основач на Cinebaloss, претставува една уникатна и ексклузивна колекција што ја слави уметноста на кратки филмови и го истакнува талентот и креативноста на одделните филмаџии.
Вклучувањето на краткометражниот филм ,,Шеќерни луѓе’’ во оваа глобална компилација е потврда дека филмот претставува достојно уметнично дело, но и потврда за креативноста и талентот на авторот на филмот, со што се признава придонесот на Диневски во светот на кинематографијата.

Книгата сега е достапна за продажба на „Амазон“, велат од Агенцијата.
„Шеќерни луѓе“, кој е реализиран со поддршка на Агенцијата за филм и „Сузи Кју Продукција“, досега е селектиран во официјална селекција на неколку десетици интернационални фестивали за краткометражни филмови во цел свет, а ја имаше својата интернационалната премиера на 22. издание на филмскиот фестивал во Беверли Хилс во САД во 4 јуни 2022 година.
Главните улоги ги играат Сара Климоска и Филип Трајковиќ, сценариото е на Владимир Јанковски и Сузана Диневски, директори на фотографија се Димитар Попов и Дејан Димески, монтажата е на Гоце Кралевски, дизајнер на постерот е Коста Лазаревски, трејлерот е изработен од Горан Вуќиќ, тонски дизајнер е Дарко Спасовски и музиката компонирана за филмот е на Дуке Бојаџиев.





