Пораснав во мал град во Велика Британија, во католичко семејство. Отсекогаш обичното го гледав појасно, а обичното, според мене, е врвно. Сакам да гледам пејзажи, луѓе, и мојата инспирација доаѓа оттаму, вели кинематограферот Шеjмус Мекгарви, добитникот на наградата „Златна камера 300“ за особен придонес во светската филмска уметност, во рамки на 44. издание ИФФК „Браќа Манаки“. Тој вчера одржа мастерклас на кој ги сподели своите искуства и предизвици, своите почетоци, од детските години до соработката со врвни режисери.
– Доаѓам од земја каде што немаше многу сончева светлина. Во последните 13 години живеам во Тоскана. Порано бев целиот облечен во црно, сакав темни бои, но сега погледнете, обоен сум, носам сино, носам жолто. Имав среќа да имам брилијантен наставник по уметност. Многу цртав и фотографирав. Тој ми рече: „Ти треба да правиш филмови“. И почнав да правам куси филмови со малата камера што ја користев – раскажа Мекгарви.
Откако се запишал и завршил училиште за филм во Лондон, никој не сакал да го вработи, па почнал да работи како сликар и декоратер. Подоцна, сфатил дека не сака да го работи тоа целиот свој живот.

– Моќта што ја носи човек во себе на сет, може лесно да направи нештата да бидат спектакуларни. Прекрасно е да се види осмозата на креативност помеѓу кинематограферот и режисерот. Многу учев од своите грешки во работата. Учев да снимам, да експериментирам – рече кинематограферот.
Публиката имаше можност да погледне сцени од легендарните „Ана Каренина“, „Лоши времиња“, „Покајание“ и „Ноќни животни“. Зборувајќи за филмот „Ноќни животни“, Мекгарви кажа дека Том Форд е најголемиот човек кој го има запознаено во својот живот.
– Беше предизвикувачки да се снима додека долго возат автомобили по пат. Тој филм има тешка тема, две жени беа убиени. Но тоа е Том Форд, тој беше одличен и најприземјен режисер со кој некогаш имам работено. Би сакал да работам пак со него, мислам дека е подготвен за нов филм. Би сакал да видам уште еден негов филм, зашто тој е извонреден – кажа Мекгарви.
Тој е два пати е номиниран за „Оскар“ за најдобра фотографија за „Покајание“ (2007) и за „Ана Каренина“ (2012). Два пати ја добил наградата на Британското друштво на кинематографери (BSC) за „Ана Каренина“ и за „Ноќни животни“ и четири пати е номиниран за наградата БАФТА. Во 2004 година е награден со „Лимиер“ медал за придонес во уметноста на кинематографијата, што го доделува британското Кралско фотографско друштво.
– Јас сум патолошки среќен. Но не мислам дека ние кинематограферите треба да бидеме харизматични и насмеани. Познавам колеги кои не се такви, а се брилијантни во својата работа – рече тој.
Во однос на тоа дали е подобро да се работи на телевизиска серија или на филм, тој не гледа разлика.
– Кога и да дојдеш на сет, тоа е подарок. Не гледам разлика меѓу ТВ и филм, истата сензибилност е, истото е. Ако не сме овде да раскажуваме приказни, тогаш во што е поентата? Моите родители ми кажуваа приказни кога одев на спиење, ги измислуваа. Мајка ми ми велеше, ти кажи ги ликовите, а јас ќе ти раскажам приказна – додаде кинематогрaферот.





