Со блок од седум ексклузивни кратки играни филмови, меѓу кои „Северен Пол“ на Марија Апчевска, црногорскиот „Божилак“ на Александар Вујовиќ и други вечерва во 20.30 часот во амфитеатарот во Струмица ќе почне фестивалот „Астерфест“. 17-то издание на Меѓународниот фестивал годинава ќе се одржи под мотото „Светлините на астерот“ и ќе трае до 9 август.
Српскиот режисер и сценарист Желимир Жилник, автор на низа култни филмови, е добитник на наградата „Астер“ за животно дело од областа на филмската уметност, што ќе му ја додели фестивалот. Жилник е легенда на југоисточноевропскиот филм, автор на „Рани трудови“ за кој ја доби наградата „Златна мечка“ во Берлин.
Втората вечер ќе следуваат кратки документарни филмови: полскиот „Балконски концерт“ на Дијана и Кжиштоф Кадлубовски, шкотскиот „Поглед на заливот“ на Даниел Кук, косовскиот „Раселени“ на Самир Карахода, молдавскиот „Вујко ми Тудор“ на Олга Луковницова, како и американскиот оскаровец „Кралицата на кошарката“ на Бен Праудфут.
Третата вечер ќе бидат прикажани анимираните филмови: полско-британскиот „Домашар“ на Ева Смик, чешкиот „Мравкин град“ на Марек Напрстек, словенечкиот „Стекџилница“ на Шпела Чадеж, бугарскиот „Вљубени черупки“ на Сливен Димитров, мексиканскиот „Тио“ на Хуан Хозе Медина и данскиот „Џелатот дома“ на Мајкл и Ури Кранот. Четвртата вечер е предвидена за проекција на филмот во чест на овогодишниот лауреат, „Журнал за Желимир Жилник“ на Јанко Баљак.
На 9 август ќе има специјална премиера на најновиот македонски документарец „Трн“ на Никола Пијанманов (сценарио) и Столе Ангелов (кинематографер и монтажер). Филмот „Трн“ е суптилна и моќна филмска приказна за актерот и граѓански борец и активист Стојан Велков Трн. Дизајнот на звукот е на Ставро Ангелаков, а во филмот, покрај Трн, учествуваат и Саше Урдовски, Васе Велков, Исидора Велкова и Дејан Ангелов, кој е и уметнички соработник на проектот.
Стручното официјално жири е составено од: Мими Ѓоргоска-Илиевска, Владимир Перовиќ, Мимоза Рајл и Столе Ангелов. Сите вечерни проекции започнуваат од 20.30 часот во летниот Амфитеатар во Градскиот парк, а придружните настани ќе бидат во Europe House во Струмица. Фестивалот „Астерфест“ е поддржан од Општина Струмица.