Снимањето на новата сезона на популарната ТВ-серија „Преспав“ започна вчера во студио на Македонската радиотелевизија. Серијата што се очекува со нетпрение и во шестата сезона ќе брои 20 епизоди, реализирани во копродукција на ОХО и МРТВ, од каде најавуваат бројни изненадувања и многу хумор.

Актерската екипа на „Преспав“

Последната епизода од петтата сезона заврши со пожар во пансионот, по што фановите беа разочарани мислејќи дека тоа е „крај на Преспав“. Но, од продукцијата велат дека серијалот е во зенитот, а авторскиот тим е подготвен повторно да ја насмее публиката, инспириран од турбулентната општествена реалност што се пресликува во случките во пансионот.
– Минатата година, во лавиринтите на пандемијата, совладувајќи голем предизвик, успешно ја снимивме петтата сезона, што ни даде особена мотивација да продолжиме понатаму. Со тој ветер в грб, оваа сезона ќе ја реализираме по најдобри сценарија досега, потпирајќи се на интернационалниот сценаристички тим, како и на секој поединец вклучен во продукцијата на Преспав – вели продуцентот Пеце Талески.

Васил Зафирчев и Јелена Јованова

„Преспав“ како ТВ-продукт се развива во комуникациска платформа и достоен продукциски бренд за претставување на земјата во регионот. Откако обезбеди емитување на бугарската телевизија БТВ, каде бележи огромен успех и гледаност, епизоди од серијата беа прикажани и во Србија во рамки на неколку фестивали за ТВ-продукција, што го отвора патот за емитување и на српските телевизиски канали.

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.