„Сè што ни е заедничко“ – меѓународна изложба во МСУ

„Сè што ни е заедничко“ е насловот на меѓународната изложба на дела на уметници која вечерва во 20 часот ќе биде отворена во Музејот на современата уметност во Скопје. Претставени се дела од десетмина автори чии дела третираат теми од низа историски и современи случувања -глобални конфликти, родова експлоатација, колонијализам, расизам, нехуман третман кон мигрантите, суровост врз животните, здравствени кризни состојби, индивидуални и колективни состојби на кршливост и кревкост. Кураторкa на изложбата е Јованка Попова.

Ќе бидат претставени дела од: Дарко Алексовски, Зорица Зафировска (Македонија), Мерием Бенани (Мaроко/САД) и Ориан Барки (Израел/САД), Јакуп Фери (Косово/Холандија), Игор Грубиќ (Хрватска/Италија), Капвани Киванга (Канада /Франција), Илија Прокопиев (Македонија/Словенија), Дриант Зенели (Албанија/Италија) и Лана Чмајчанин (Босна и Херцеговина/Австрија).

– Акценот е ставен на тоа како овие настани, процеси и ситуации продуцираат нееднаква динамика на моќ, насилство и штета врз маргинализираните, но и потреба да се најде начин за излез надвор од рамките на личното и политичкото затвореништво. Изложбата го нагласува и сомнежот кон апсолутизмот на антропоцентризмот како масовно моќен концепт, а и кон специфичните истории на неправди што ги крие. Политички и чувствено ги открива сложените вкрстени мрежи на ранливост и вина што постојат меѓу нас, другите видови и меѓу луѓето од минатото, сегашноста и оние кои допрва доаѓаат – велат организаторите.

Сподели