Патот го трасиравме заедно, влеговме во МНТ како славната тројка – Славиша, Гораст и Сашко. Убавиот, грдиот и грдиот. Меѓу себе се нарекувавме Света Тројца. Нашата гардероба број 5 ја нарекувавме Света Петка. Пред секоја претстава, секој доаѓаше кај нас да чепне малку од таа неисцрпна енергија, од неговата специфична духовитост, на моменти саркастична, но вистинска. Кон никого не се штедеше. Ќе ни фали многу. Го гледам животот пред мене и замислував како ќе остариме заедно, ќе седиме тројца задрти старци и уште ќе се расправаме за истите работи. На овие настани обично се зборува колку си бил близок со некого. Но, мислам дека треба и да се каже колку не си бил близок и колку си можел да помогнеш. Не постојат зборови веќе“, рече актерот Сашко Коцев денес на комеморацијата за актерот Славиша Кајевски, кој почина вчера. Неговото тело беше погребано во гробиштата во Ѓорче Петров.

Неговите колеги и пријатели денес се простија од прерано починатиот актер на Македонскиот народен театар.

„Славиша ги имаше двете маски – и тажното и смешното“ – додаде Коцев, кој потсети дека нивниот заеднички пат низ театарската уметност, но и дружењето започнало пред 20 години на Факултетот за драмски уметности во Скопје.

„Млад и бескрајно талентиран глумец, кој студира на ФДУ и работи како шанкер во ‘Балет’. Дечко на кој паѓаа сите женски во град, а и на театарската сцена. Дечко кој со сите сетила го живееше театарот и со верба се бореше за неговите вредности. Од Факултет излезе со имиџ на предан и бескомпромисен актер кој блеска со својот талент. Се сеќавам на еден тон разговори до раните утрински часови во кои сме се обидувале да најдеме решение за некоја сцена, да создадеме некој лик, да направиме нешто кое што ќе ни го разбуди адреналинот – стоеше во пораката на режисерката Нела Витошевиќ, што ја прочита актерката Драгана Костадиновска.

-Неговата позитивна мисла и спремност да те бодри кога претставата тоне и кога пробата не е добра, таа негова безрезервна поддршка секогаш максимално сум ја ценела и чувствувала. Во овој миг се прашувам дали и јас му пружив истата таа поддршка кога нему му беше потребна. Ова прашање мислам дека уште долго нема да можам да го одговорам. Ми се чини дека најмногу од сè ќе се сеќавам на неговата широка насмевка и силната мечта да го освојува светот во име на театарот. Светкај од горе пак мој Славиша, а ние ќе играме на сцена за тебе. Ќе фалиш бескрајно многу – стоеше во пораката на режисерката.

– Засекогаш ќе нè боли празнината од твоето отсуство. Ќе ни недостасува твојата безрезервна љубов, поддршка, твојата емотивност и грижливост за сите колеги на сцената – рече актерката Костадиновска.

-Ќе те гледаме пак како Фантом во филмот ‘Хомо’, Ики во ‘Црвената соба’, Павел Киров во ‘Последните Македонци’, во ‘Скопје Ремикс’, Малиот во ‘Ова не е американски филм’, Јане во „Некои поинакви приказни“, Павел во ‘Превртено’, Момчето со маска во ‘Бал-кан-кан’“, низ солзи говореше неговата колешка. Цаци, ти секогаш ќе бидеш дел од нашите срца. Нема да си дел од некое минато време, туку дел од нас, овде и сега – рече Костадиновска.

 

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.