Убеден сум дека професионална екипа со несебичен продуцент, добро сценарио и режисер со егото под контрола секогаш ќе сними барем пристоен филм, било тоа во САД или Македонија – вели режисерот Димитар Оровчанец во интервјуто за Умно.мк, по повод синоќешната премиера на Филмскиот фестивал во Сараево
Идеите за приказни ми доаѓаат спонтано. Скоро секогаш се инспирирани од еден момент, слика, музика, муабет, сведоштво; било тоа да видам некоја млада балерина во полна сценска шминка како пуши цигара за време на пауза или пак, што знам, да чујам муабет за некаков шашав лихварски дијалог каде вредноста на долгот нема никаква смисла освен во алчноста на лихварот и стравот на жртвата. Ете, од такви кратки мигови и слики се роди и приказната за сценариото на овој филм; од многу просведочени моменти, слики и муабети кои потоа ги ‘нашминкав’, ги потсредив по мој вкус и најважно од сѐ, ги склопив така што да функционираат како целина – вели режисерот Димитар Оровчаенц, чијшто прв долгометражен филм „Убиј ги прво децата“ синоќа ја имаше својата премиера на 30. Сараевски филмски фестивал. По повеќе кратки филмови, реклами, спотови, Оровчанец ќе го запознае нашата јавност во друго светло. Пишување сценарија му е љубов голема. За ова прво големо искуство, како и пречекот во Сараево, разговараме во интервјуто за Умно.мк.
Сараево и филмскиот фестивал е посакувана дестинација за секој режисер од регионот. Како помина премиерата на „Убиј ги прво децата“ синоќа во програмата Open Air?
– Имавме полн аудиториум публика која се кикотеше и се смееше за време на целиот филм. Би рекол дека е повеќе од успешна премиера на ваков фестивал кога скоро илјада луѓе не трепнаа додека подзаврнуваше за време на проекцијата под отворено небо. За мене беше најважно тоа што по филмот и крајно позитивната реакција на публиката, сфатив дека сме направиле македонски – скопски филм со кој можат да се идентификуваат луѓе од каде било и од која било возраст. Имаме ‘филм за пуканки’, непретенциозна приказна за добар провод во кино. Оваа премиера само ми потврди дека успеав да го создадам тоа кон кое што се стремев уште од почетокот на пишувањето на сценариото.
„Убиј ги прво децата“ е една визуелна современа слика, со многу доза на хумор, на нашата денешница. Како режисер којшто го претпочита авторскиот филм, а и сакате да пишувате сценарија, како се роди оваа приказна?
– Идеите за приказни ми доаѓаат спонтано. Скоро секогаш се инспирирани од еден момент, слика, музика, муабет, сведоштво; било тоа да видам некоја млада балерина во полна сценска шминка како пуши цигара за време на пауза или пак, што знам, да чујам муабет за некаков шашав лихварски дијалог каде вредноста на долгот нема никаква смисла освен во алчноста на лихварот и стравот на жртвата. Ете, од такви кратки мигови и слики се роди и приказната за сценариото на овој филм; од многу просведочени моменти, слики и муабети кои потоа ги ‘нашминкав’, ги потсредив по мој вкус и најважно од сѐ, ги склопив така што да функционираат како целина.
Избравте одлична актерска екипа, од младите и полетни актери до поискусни на филмското платно. Како одеше процесот да го изберете најдоброто според вас?
– Актерската екипа во повеќе од најголем дел ја дефинираше кастинг директорката Киријана А. Николоска од агенцијата „Гужва“. Немам доволно пофални зборови за нејзиниот волчи осет и беспрекорен инстинкт. Секако, сценариото и генералните замисли за карактерите се мои, а истите ги дискутиравме со Киријана за да комплетираме каст заедно.
Во оваа смисла, јас сепак морав да пресечам дали да се земе некој поактуелен наспроти некој непознат, дали изборот да падне на актер кој е потежок за работа, дали да биде натуршчик или не… и сѐ тоа за доброто на вистинскиот кастинг. Не постои совршен избор, туку само точен актер за конкретната улога.
Во најдобар случај, работите на крај се сведуваат на два избори, а едниот е сигурно погрешен. Сега, од оваа перспектива, пресреќен сум со актерската екипа. Сите направија улоги за паметење, биле тие мали или големи улоги, барем јас така мислам. Но, не смеам да заборавам да спомнам дека во филмот има и втора режија на актерската игра а тоа е монтажата. И колку што Киријана и јас си ја завршивме работата, на крајот монтажерката Софија Самоиловска Јовановиќ маестрано ги поправи и дотера сите до перфекција (колку што може).
Во едно интервју од пред 4 години рековте: „Ако во наредните години не го снимам мојот прв долгометражен филм, ќе отворам сендвичарница“. За среќа, се случи „Убиј ги прво децата“. Чекаше ли ова сценарио многу години и дали претрпе многу верзии?
– Да, тогаш веќе бев очаен и прв пат во животот помислив да сменам професија. Но, како што рековте, се случи „Убиј ги прво децата“. Инаку, првичното сценарио, напишано пред десетина години, беше скоро двојно подолго и ги имаше сите ликови, сцени и перипетии кои ги има и сега со уште толку дополнително. Во суштина, сценариото единствено претрпе скратување и некои ситни корекции за да може да функционира како такво – пократко, а во тоа ми помогна другар ми Александар Русјаков. Без разлика на должината, сценариото мораше ‘да оди на сервис’ за да може да се сними за онолку колку што беше реалниот буџет. Знаев да не се занесувам, туку да снимам најдобро што можам за условите кои ги имам.
Се образувавте во САД и завршивте два факултети – за актер и режисер и бевте пофалуван и наградуван студент. Имавте можност и да работите проекти додека живеевте таму. Се разликува ли многу начинот на работа на филм таму и овде?
– Во САД, покрај студентските филмови, го снимив и својот прв долгометражен филм „Олга“, документарец – портрет за една неверојатна пијанистка од Русија. Но, тој филм го напишав, режирав, снимав, па и го измонтирав самиот. Освен дискусии со продуцентот, немав никаков друг професионален однос со никаква екипа. Потоа, освен неколку кратки филмови што ги напишав и режирав, работев како снимател на два документарци и еден наративен целовечерен филм, а тоа пак беа независни проекти со мали екипи, исто како и тука. Да бидам крајно искрен, нема некоја разлика, барем не за мене. Убеден сум дека професионална екипа со несебичен продуцент, добро сценарио и режисер со егото под контрола секогаш ќе сними барем пристоен филм, било тоа во САД или Македонија.
Последните две години, за жал, ни се многу тешки за македонскиот филм. Во 2023 година не се сними ниту еден филм многу проекти чекаат да падне прва клапа. Како се чувствувате како филмски уметник кога знаете дека не цветаат цвеќиња?
– Не се чувствувам никако заради тоа што, како и повеќето филмски работници тука, сум креативно парализиран повеќето време. Баш затоа и на секои четири години размислувам да отворам сендвичарница.
Што би промениле во начинот на функционирање на Агенцијата за филм? Сметате ли дека младите не добиваат доволна можност и дека добрите режисери односно, оние екипи што создале добри дела треба да бидат наградувани со поголеми поддршки?
– Нема да ја коментирам Агенцијата за филм, а уште помалку пак да солам памет како би требала да функционира таа институција. Има далеку поадекватни луѓе од мене кои треба да се запрашаат што е тоа што е гнило во Агенцијата и истите тие непристрасно да дадат решение ‘како да се излечи гангрената пред да треба се отсече ногата… или главата’. А до сечење е скоро дојдена работата.
За второто прашање, младоста нема врска со квалитетот. Или те бива или не. Мислам дека треба да бидат наградувани добри сценарија, а за тоа треба да има добри читачи, и тоа не еден туку неколку, а потоа заедно да оценат кое сценарио да биде наградено. Секако дека претходни успешни проекти треба да бидат земени предвид, но мора да се даде шанса и на автори кои сѐ уште немале можност да се покажат… но не на нивни 40 туку на млади недокажани автори во нивните дваесетти. Така барем со време ќе знаат дали да продолжат да се занимаваат со филм или со нешто друго.
Соработувавте со Атанас Георгиев на овој филм. Тој е веќе истакнат монтажер и продуцент, можеби најинтернационално етаблиран после „Медена земја“. Какви се плановите за промоцијата и дистрибуцијата на филмот? Дали се во најава и други фестивали?
– Со Атанас соработуваме уште од нашите студентски денови. Имаме повеќе од доволно проекти заедно за да знам дека не постои поточна дефиниција за паметен, способен и несебичен продуцент од него. Исто така, продуцент е и Дејан Илиев без кој исто така немаше да го биде овој проект. Филмот наесен ќе има кинодистрибуција во Скопје, а потоа и во другите градови во Македонија. Барем тоа е планот. Сега за сега ни вратија од уште еден битен фестивал со тоа што сѐ уште не смеам да откријам кој е тој бидејќи не е јавна информација. Ќе чуете наскоро…
Тлее ли некое друго сценарио веќе во вас? Или можеби е и напишано?
– Постојано си куцкам идеи, сцени, дијалози, си слушам музика. Имам материјал за неколку сценарија, но имам и две веќе напишани. За првото не би сакал да зборувам, ептен ми е при срце и не ми се открива ништо. Второто пак е за еден очаен средовечен режисер на реклами кој, затекнат од новите генерации на режисери на реклами, се обидува да го сними својот прв филм за да не мора да отвори сендвичарница да преживее.