Сара Голакова, матурантката што доби стипендија на факултетот „Васар“, каде учеле Мерил Стрип, Џејн Фонда…

Може да се каже дека освоив премија кога дознав дека ме примија на факултетот со стипендија бидејќи многу малку странски студенти успеваат да се запишат во првиот уписен рок, вели Сара

Сара Голакова, матурантката од Mеѓународното училиште „Нова“ си го исполни најголемиот сон – да студира на факултетот „Васар“ во Њујорк. Таа деновиве доби потврден одговор од факултетот дека е примена со стипендија уште во првиот уписен рок. На „Васар“ студирале Жаклин Џеки Кенеди, Мерил Стрип, Џејн Фонда и многу други познати личности.

Сара сè уште не знае точно кон што ќе ги насочи студиите, бидејќи факултетите во Соединетите Американски Држави во првите две години не бараат од своите студентите да одлучат на која насока ќе се запишат. Тие имаат слобода да експериментираат со различни предмети и области што ги интересираат. Засега, во центарот на нејзиниот интерес се историја и француски јазик, но ја интересираат и предмети од областа на социологијата и антропологијата, како и когнитивните науки. Кога требало да одлучи на кој факултет ќе аплицира, Сара се пријавила единствено на „Васар“.
– Имав среќа да бидам примена во првиот уписен рок што подразбираше дека немам право да аплицирам на други факултети. Може да се каже дека освоив премија кога дознав дека ме примија на факултетот со стипендија бидејќи многу малку странски студенти успеваат да се запишат во првиот уписен рок, а уште помалку пак добиваат стипендија – вели Сара.

Сара Голакова

Покрај личните причини да студира на „Васар“, таа се одлучила за овој факултет зашто работи на принципот на отворен кулриклулум – никој не те форсира да избереш предмети што не те интересираат.
– Ова не е карактеристика на речиси ниеден европски универзитет, а и на само малку американски. Исто така, факултетскиот кампус е огромен и со многу знаменитости, има сопствена градина и шума, езерце, дури девет студентски домови… Кој не би сакал да живее таму? – вели Сара.

Таа е вљубена во историјата уште од основно училиште. Љубовта ѝ ја всадил тогашниот наставник по историја кој со своите ораторски вештини ѝ ја претставил оваа наука како приказна. Младата Голакова е голема љубителка и на литературата, па токму тука ја пронашла врската со историјата.
– Катедрата по историја на „Васар“ нуди разновидни предмети од сите географски региони на светот, што ми дозволува да ја изучувам историјата на повеќе нации без да бидам ограничена на само еден регион. Француски јазик би сакала да учам бидејќи видов одлична можност за магистерски студии по историја и литература во Париз каде што очигледно се бара познавање на францускиот јазик. Веќе течно зборувам четири јазика, изучувањето на јазиците ми е голем мерак. Не би се иненадила ако наместо француски почнам да учам латински – со насмевка вели Сара.

Процесот на аплицирање за престижниот факултет за неа не бил трауматично искуство за разлика од повеќето студенти. Тоа го препишува на фактот што таа подготвувала само една апликација, за разлика од нејзините соученици кои се пријавуваат на десетина различни факултети. Во процесот многу ѝ помогнала транспарентноста на „Васар“ на чија веб-страница јасно биле објавени сите насоки за апликацијата, а имала и информативни онлајн сесии со советници од факултетот. Во целиот процес Сара ја истакнува поддршката од академските советници и професорите од нејзиното училиште кои и дополнително ѝ помогнале за да ѝ го олеснат целиот процес на пријавување, како и поддршката од нејзините соученици на која е многу благодарна.

Универзитетот „Васар“ / Фото: Wikipedia

– Покрај нивната обврска да ги испратат моите оценки на факултетот, советничките од „Нова“ ми помагаа околу решавањето проблеми со документи, како и за апликацијата за виза. Сметам дека секое средно училиште, без разлика дали државно или приватно, треба да вработи советници од ваков кадар. Освен советничките, огромна улога во мојата апликација играа и препораките од моите професори. Бидејќи во „Нова“ професорите се грижат за учениците и надвор од академското поле, се зближв со некои мои професори кои во мене сега не гледаат само ученичка, туку и самостојна личност. Ги замолив да ми напишат препорака за факултетот и верувам дека нивните препораки ги убедиле вработените во „Васар“ дека навистина заслужувам да студирам таму. Навистина ми се оствари сонот – истакнува Сара.

Таа смета дека најголемиот предизвик со кој наскоро ќе се соочи е живеењето во Њујорк, различна средина далеку од дома каде нема ниту еден пријател или познаник кој може да ѝ помогне полесно да се навикне. Вели дека ќе почне нов живот од нула и тоа малку ја плаши, но за среќа нејзиниот факултет веќе направил онлајн групи на примените студенти од нејзината генерација, така што веќе остварила контакт со дел од странските студенти со кои ќе студира заедно од следната академска година.

Во иднина Сара себеси се гледа како професорка на универзитет. Ако не ѝ се пружи таква можнност, би сакала да заврши постдипломски студии по меѓународно право во Америка што би ја квалификувале за адвокат, судија или истражувач во правната област.
– Немам многу специфични желби освен желбата да успеам како дипломиран историчар и да им докажам на луѓето што се обидуваат да ме убедат во спротивното дека можам да изградам успешна кариера и со овој факултет. Не може секој да биде доктор или инженер, но секој може да биде успешен во тоа што ќе го избере за своја професија – завршува Сара.