Самуиловите војници во ателјето на скулпторот Илија Аџиевски

Скулпторот Илија Аџиевски, доајенот на македонската ликовна уметност почина неделава на 96 години. Во негова чест ви пренесуваме разговор со него објавен пред 10 години во дневниот весник „Дневник“. Раговорот е правен во пресрет на еден милениум од Битката на Беласица, кога биле ослепени 15.000 војници на царот Самуил. Аџиевски посакуваше неговиот проект да ја доживее светлината на денот. 

Највредното во животов е човек од себе си да созаде слободна личност, затоа што слободата ќе му овозможува моќ во неговото творештво. Ова е последната реченица со која скулпторот Илија Аџиевски ја заврши својата книга „Мојот пат во уметноста“, која неодамна доживеа промоција во Македонската академија на науките и уметностите.

Неговите зборови кои излегуваат од неговата душа на сипмаптичен, струшки говор, стануваат јаве, добиваат потврда кога ќе фрлите поглед на неговото најново дело, споменикот на ослепените Самуилови војници. Си велите, навистина слободен дух и моќно творештво.

Архива на „Дневник“

Поставени на кружна основа во неговото ателје во скопската населба Водно, се ежи кожата од петанесетемина војници, ослепени, доживотно казнети, осакатени, оставени сами, со стапови да си го најдат патот до дома. Преполовени тела, трупови на кои се гледаат ребрата, луѓе со кренати раце со неприродно зголемени прсти, како да се трудат да го сопрат мачењето, да се одбранат. Централно во композицијата е мачителот, византискиот цар Василиј Втори, човекот кој го нарачал злосторството. Во рацете држи канџи како метафора за трагедијата која лично ја предизвикал.

Човек би рекол, совршено дело со кое догодина би се одбележале илјада години од ослепувањето на Самуловите војници. Проектот е се уште изработен во глина. Ова е последно дело на Аџиевски, кој денес има 87 години. Би бил многу среќен кога со свои очи би го видел како монументално дело, поставено на видно место, за да потсетува за оваа страшна трегадија на македонскиот народ.

Интересно е што Василиј Велики е претставен со две лица – и однапред и на тилот.

– За да не може да се сокрие. Целиот е злосторник и не може да се сокрие од историјата. Просторот го открива. Човештвото не памети такво монструозно дело. Да оскатиш, да ослепиш 15.000 млади луѓе?! Тоа е страшно! Тоа бил наш народ, наши луѓе. Јас горе-долу знам што значи страдање на човек. Меѓутоа, овој садизам не ми беше познат. Една страшна работа. Замислете си 14-15 илјади луѓе да се ослепени и да се пуштат слободни да одат… Каде да одат? Во самоубиство…, во тешко самоубиство. Јас секој ден, и честопати ноќе ја доживував оваа лична трегедија. Не на еден човек – на 15.000 луѓе! Во уметноста нема лага. Лагата си останува лага. Јас шест години дење-ноќе живеев со нив, работев на ова дело и с` е во прилог на трагедијата на човекот, на војникот на Самуил. И материјалот што е порозен, и сивкастата боја… Би сакал секоја поединечна статуа да се види, да се разгледа и ќе се види дека навистина тоа се 15 статуети на Самуиловите војници и сите 15 ја носат таа трагедија – го објаснува Аџиевски своето дело.

Делото треба да се изгради

Композицијата во неговото ателје го видоа неколкумина негови пријатели, историчари на уметност, писатели. Тие се одушевени од експресионистичката композиција која ве тера постојано и уште еднаш да се загледате, да потонете во малите фигури.

Меѓу ни е и Емил Алексиев, историчар на уметност и поранешен директор на Музејот на современата уметност. Тој вели дека овој вид на скулптура и Аџиевски, како автор, дефинитивно побарува око кое мисли.

Од отвоорањето на минатогодишната изложва во Даут-пашин амам / Фото: Национална галерија на Македонија

– Не само да се пријде кон артефакт, туку треба многу внимателно да се разгледаат. Верувам дека намалена е перцепцијата поради тоа што е во гипс, меѓутоа е многу рафинирано, нежно и суптилно сето тоа што е направено. Кога ќе го видите ова во димензии до 4 до 5 метри, како што би требало да бидат, во тој случај ќе имате сосема друг впечаток. Замислете ги во монументален аспект?! Тоа е сосема друг впечаток, центар околу кој се случува една драма! Замислете идејата на авторот на целиот овој простор, овој круг кој го затвора композицијата да биде исполнет со, да кажеме коски, остатоци од трупови и слично, како што е веќе индуцирано! Меѓутоа треба да одат до нозете на императорот, до централната фигура. Ова треба да се изгради во Македонија, дефинитивно – вели Алексиев.

Да остане како трајна вредност

– Начинот на кој е реализирано делото е многу оригинален. Мислам дека постои можност да се излее во алуминиум, може и во бронза, за да остане како трајна вредност. Има еден прекрасен леар, голем мајстор кој може сево ова да го излее. Само ако може поскро, дури е жив човекот, оти е во постари години. Имаме ние прекрасни музеи и простори. Целата композиција може да се стави во стаклено ѕвоно и да остане засекогаш – вели Аџиевски.

Според Аџиевски, оваа композиција спаѓа меѓу поретките воопшто во скулптурата, а посебноста е во приближувањето на мислата, материјалот и бојата. Има доволно простор, луѓе-страдалници, за да можат да ја кажат големата трагедија.

– Тоа е големо злосторство на еден голем цар, Василиј Втори. Го имам дадено во злато, тоа е голам цар византиски. Но, нема атрибути на цар, туку за злосторник оти во двете раце држи канџи што ги вадел очите на Самуиловите војници. Јас сум потомок на Самуила, на неговите војници. После 1000 години јас сум жив и со ова и Самуил е жив и неговите војниците. И по 1000 години ние се допираме до оваа голема тага. Помина огромно време, но ова е живо, нема временска дистанца. Дај Боже вечно да остане како опомена дека овој народ опстојувал и ќе опстојува. И што имаме некаква дарба за да се втурнеме во оваа проблематика. Ова е нешто страшно големо, страшно дело од таа голема душа, душата на Македонецот – вели авторот.

Фото: НГМ

Писателот Горјан Петревски, вели дека долго време го познава скулпторот и уште од младоста му се воодушевувал на она што го работи.

– Сега ми е посебно интересно, ме воодушевува со еланот со кој работи на оваа негова возраст. Секогаш го чувствувам како млад и податлив за уметноста. Тој никогаш не запира. Секогаш знае да изненади со некое свое ново дело, а во неговото ателје сум доаѓал честопати и имам убави спомени доживувања – вели тој.

Скулптури извлечени од античките трагедии

Вера Антиќ, лингвист, вели дека секогаш се трогнува кога ќе застане пред неговите дела, скулптурите на Анте Поповски, Гопран Стефановски.

– Но, сега со овој проект за Цар Самуил и ослепените македонски војници навистина сум воодушевена. Рецензент сум на неговата книга „Струшки зборови“. Тој целиот свој живот собирал интересни струшки зборови кои ги издаде во книга и со тоа ја збогати и нашата лингвистика – вели Антиќ.

Таа е рецензент и на другите две негови дела, „Спомени“ и „Патот на мојата уметност“. Според поетот Ефтим Клетников, најновот дело на Аџиевски е една возбудлива, во експресионистички манир работена композиција на ослепените Самуилови војници.

Фото: НГМ

– Една наша култна историска трагедија која го обележува нашето битие и веројатно не е лесно да се реализира уметнички баш поради таа преголема трагичност. Но, Илија Аџиевски направил една композиција од скулптури кои како да се извлечени од античките трагедии на Софокле, Еврипид, Есхил… Како да го потикнуваат небото за го објасни тој проклетник на македонската судбина и мислам дека се многу ефикасно направени. Тоа е едно многу убаво скулпторско дело – дециден е тој.

Скулпторот вели дека за реализација на идејата не е битен материјалот од кој ќе се оформи – дали е глина, гипс или дрво… Крајната реализација зависи од нарачателот.

– Би било добро да се на некој убав простор. Не можеш да го одвоиш некаде, само за себе да е. Најдобро да е во комуникација со луѓе. А верувам дека ќе се најде некој ова да не биде само една празна приказна, речена некојпат во некое ателје, или надвор. Јас верувам дека ова ќе остане и тоа е многу важно – вели скулпторот.

Насловна фотографија: НГМ

Сподели