Само јазик со здрави корени може да се издигне во литературен јазик

Во светот постојат над 6.500 јазици, а од нив само неколку стотини се литературни, рече проф. д-р Елена Јованова-Грујовска на вчерашната панел-дискусија

Новиот Закон е одговор на новите предизвици кои бараат зголемена, организирана и системска грижа на државата за правилна употреба на сопствениот, македонски јазик и на неговото кирилско писмо, рече вчера министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска на панел дискусијата по повод 5 Мај, Денот на македонскиот јазик што се одржа во Националната опера и балет.
– Овој предлог не е резултат на политички диктат зашто, како што говореше големиот Конески, нашиот јазик не е ни создаван под некаков диктат – рече Костадиновска-Стојчевска.

Амбасадорот на Европската Унија во земјава, Дејвид Гир, на македонски јазик упати честитки по повод Денот на македонски јазик. Тој потенцира дека јазикот е интимна работа за секој народ и во себе содржи елементи на она што сме, нашата историја, искуство, а јазикот и образованието се срцето на идентитетот.
– Во ЕУ има 24 официјални јазици кои се признаени и, се разбира, други јазици кои се негуваат и кои се дел од колективниот идентитет на ЕУ. Кога оваа земја ќе стане дел од ЕУ, македонскиот јазик ќе стане и официјален јазик на ЕУ, дел од семејството на јазици на ЕУ – рече Гир.

Директорката на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“, проф. д-р Елена Јованова-Грујовска се осврна на проектот за целосна дигитализација на картотеките во Институтот за македонски јазик преку кој во една година се заштитија 5 милиони ливчиња пишувани рачно, на машина за пишување, со индиго, со шапирограф, а во поново време на компјутер.

– Материјалите се заштитени и зачувани за следните 500 години. Тие се одлична основа за брза и квалитетна изработка на корпус на македонскиот јазик, за изработка на разни речници, меѓу кои и на етимолошки речник што почна да се изработува во Институтот за македонски јазик. Од овие картотеки објавени се повеќе речници, меѓу нив Толковниот речник на македонскиот јазик и двата тома од Речникот на црковнословенскиот јазик од македонска редакција. Преку дигитализацијата е заштитена и валоризирана работата на научниот кадар во Институтот за македонски јазик во минатите 70 години – рече Јованова-Грујовска.

На прашањето што можеме да научиме од историјата за нашиот јазик, Јованова-Грујовска истакна дека историјата на македонскиот јазик од 9 век до денес е историја на континуитет, цврстина, издржливост и перспектива.

– Македонскиот јазик е троскот, пиреј, што би рекол Петре М. Андреевски, со цврсти и длабоки корени. Во светот постојат над 6.500 јазици, а од нив само неколку стотини се литературни. Од 1945 година и македонскиот јазик е меѓу избраните, меѓу малобројните литературни јазици. Само јазик пиреј со здрави корени можел да ги издржи вековните лоши ветришта и да се издигне на рамниште на литературен јазик – рече таа.

Проф. д-р Наташа Аврамоска мајчиниот јазик е, пред с, уметност на зборот, симболички универзум на древни, со векови пренесувани песни и приказни, легенди, поговорки, игрозборки (…) во кои се изразени нашите верувања, вредности и историски премрежиња.
– Правото на мајчин јазик е право на приказните што тој ги кажува. Врз нив ги преиспишуваме приказните на денешницата и го трасираме патот кон утре. Во поткрепа на ова, достасува денес да ја довикаме виртуозноста на Горан Стефановски – рече Аврамоска.

Претседателот на Советот за македонски јазик, проф. д-р Људмил Спасов, на прашањето дали Македонците и македонистите често се чувствуваат како Дон Кихот, како некој што се бори со ветерници, истакна дека како Македонец и македонист, не се чувствува како Дон Кихот.

– Ние, македонистите, лингвистите, го изучуваме македонскиот јазик кој е вистински и кој има своја длабока историја, ги има своите почетоци длабоко во средниот век, а потоа преку 19 век, се еманципира во 20 век и станува литературен/стандарден јазик на македонската нација и на македонската држава – рече Спасов.

Проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска, директорка на Семинарот за македонски јазик, литература и култура, се осврна на посебноста и убавината на македонскиот јазик и додаде дека се чувствува најбогата и најсилна кога својата мисла ја соопштува на македонски јазик. Македонскиот јазик е стадардизиран во 1945 година, но низ историјата, како што рече Мојсова-Чепишевска, нашите творци, како Ѓорѓија Пулевски, Кочо Рацин, Коле Неделковски и многу други, создавале бидејќи чувствувале дека се најсилни кога својата естетика што со себе ја носеле, најдобро ја искажуваат на својот, македонски јазик, на јазикот кој го добиле од своите родители. Дискусијата ја модерираше Ана Јовковска.

Сподели