Краткиот филм „Сам си го барал“ во продукција на „Види Вака“, кој својата премиера ја имаше на социјалните мрежи е силна порака за опасноста од оправдување на насилството, која укажува на двојното виктимизирање на жртвата преку барање причини за самото насилство, кои не ја земаат во прв план злонамерноста на насилникот.

Во видеото е прикажана апсурдната ситуација во која се наоѓа маж, жртва на насилство – во случајот разбојништво, соочен со типичните прашања и обвинувања со кои најчесто се соочуваат жените жртви на сексуално насилство, но и останатите жртви на другите типови на насилство.

– Пораката што сакаме да ја испратиме е дека секој што ја обвинува жртвата и го релативизира насилството се става на страна на насилникот и помага насилството да остане непријавено од жртвата, неосудено од општеството и непроцесирано пред законот. На тој начин се гради култура на прифатливост и несанкционирање на насилството што ги мотивира насилниците да продолжат со насилство, но и оние со насилни намери и пориви да тргнат по нивниот пат  – изјави Мите Кузевски, извршен директор на „Види Вака“.

Инаку, видеото е комплетно самостојна продукција на „Види Вака Раскажувачкото Студио“, гранка на „Види Вака“ која се занимава со иновативни раскажувачки проекти како едукација низ забава, интерактивни игриви видеа, просторно раскажување низ виртуелна реалност и слично. Изработено е со добиена дозвола за прикажување од страна на јавниот радиодифузер BBC, како адаптација на оригиналниот скеч “What were you wearing” од Tracey Ullman Show.

Во видеото глумат истакнатите актери: Сашко Коцев, Драгана Костадиновска и Слаѓана Вујошевиќ, режијата е на Ханис Багашов, а директор на фотографија е Феjми Даут, кинематографот на „Медена земја“.

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.