Сакав да раскажам приказна преку женски глас свесен за своите слабости

Пред неколку години се погоди неколку романи што ги прочитав едно по друго да зборуваат за ликови незадоволни од својот живот, трагаат по нешто друго, но на крајот сфаќаат дека сето тоа е лажно, и се враќаат на својот живот, кој од таа подоцнежна перспектива повеќе го ценат. Тоа ме поттикна да размислувам за една сосема спротивна тема – да ја истражам можноста за прифаќање на сите избори како дел од развојот на личноста – вели Калина Малеска во интервјуто за Блен.мк, по повод романот „Светот што го избрав“ што ќе биде промовиран вечерва во 19 часот во „Буква“

Пишува: Наташа Атанасова

За Калина Малеска пишувањето е истражување. Низ годините таа ги истражува можностите на различните книжевни видови и жанрови, ги истражува потребите на книжевните дела за возрасни и за деца, а во најновиот роман насловен „Светот што го избрав“, кој излезе минатата недела во „Или-или“, ги истражува нашите избори. Романот ќе ја има својата промоција вечерва во 19.30 часот во кафе-книжарницата „Буква“ во Скопје.

Животот тече, времето минува, а како се чувствуваме во сопствената кожа зависи од тоа колку сме задоволни од нашите постапки и одлуки. Дали да се излезе од токсичниот брак и да се живее во сутерен што личи на мрачна пештера од приказните, дали да се прифати работен ангажман кој однапред делува извалкано и полн корупција но кој сепак нуди можност да се направат промени на подобро, дали да се молчи пред налетот на насилно изразените ставови од сите страни или да се влезе во војна и да се каже своето мислење? Дилемите со кои се соочува Леона додека го читаме романот стануваат и наши, а наше останува дали ќе му дозволиме на нејзиното будење барем малку да нè зарази.

Раскази (1998), роман (2006), раскази (2008), драма (2010), роман (2014), раскази (2016), две книги за деца (2018, 2021), раскази (2021) и роман (2024). Навистина забавно изгледа твоето шетање меѓу книжевните видови и жанрови досега. Како го доживуваш ти?

– А почнав со поезија во основно училиште и, иако никогаш не сум објавила збирка поезија, и сега повремено ќе напишам по некоја песна. Ги сакам експериментирањата во книжевноста, во секоја смисла, и жанровски и во однос на техники, гледни точки, фокус, темпо на дејство. Таквите различни постапки ми помагаат да утврдам кој пристап најдобро функционира за некоја тема. Тоа е исто така начин да се избегне премногу повторување и да се откријат нови начини на изразување и кај себе и во книжевноста општо. Расказите се предизвик зашто налагаат нешто да се искаже на мал простор, што значи бараат многу концизност, фокус, селекција. Драмата како жанр ми е најтешка бидејќи не дозволува никакви објаснувања од некој посредник, наратор, ниту навлегувања во описи, мисли, па сите нијанси на расположението и сите идеи треба да се доловат само преку зборовите на ликовите, без да се протолкуваат тие зборови. Детските книги се исто така посебен вид пишување, при кој повеќе размислувам за публиката што потенцијално ќе ги чита отколку кога пишувам за возрасни. Романот е жанр што најмногу обзема, бидејќи за целото време додека го пишувам живеам со ликовите и приказната, како да се дел од некоја паралелна реалност која е постојано присутна во мојот живот. Истражувањето на сите овие различни начини на пишување ми е важно и интересно и секој жанр ми открива нешто што потоа го внесувам како сознание во другите жанрови.

Прочитајте го целото интервју на Блен.мк.

Сподели