Сакам да научам повеќе за дигиталниот маркетинг и да создадам мој бизнис

Менторката Александра Коложег-Гиевска е исклучително професионална и отворена за соработка. Групата, пак, е составена од интересни жени од различни сфери. Сигурна сум дека нашата соработка ќе продолжи, вели 28-годишната Теодора Цветковска од Битола, која учествува на Академијата за дигитални вештини што ја организира СЕДЦ, во соработка со IMPACT фондацијата

За мене најважно е да научам како да помогнам на еден стартап-бизнис, мала и нова компанија, па кога ќе започнам мој бизнис да си помогнам и себеси, вели 28-годишната битолчанка Теодора Цветковска. Таа одлучи да ја посетува Академијата за дигитален маркетинг наменета за девојки и жени од ранливи категории, што ја организира Сеавус Едукативен и развоен центар, во соработка со IMPACT Foundation. Дваесет девојки и жени добија стипендија за да бидат дел од четиримесечната академијата и да се обидат да влезат храбро во светот на дигиталниот маркетинг.

Теодора Цветковска

Заедно со уште 19 девојки и жени од цела Македонија, Теодора неколку недели ја следи академијата, што ќе ѝ помогне да стигне до подобри знаења од дигиталниот маркетинг.

– По природа сум многу креативна и отсекогаш сум знаела дека иднината си ја гледам во точно таква професионална сфера. Кога прочитав за можноста за професионална преориентација, не помислив ниту една минута, веднаш аплицирав. Ова звучеше како совршената спојка за мене и бев тотално во право – вели Цветковска.

За неа ова е прво искуство со оваа област. Пред неколку години, за жал, се здобила со телесен инвалидитет. Вели дека нема добро искуство во поглед на вработувања на лица со различности. Поради тоа морала да смени професија.

– Во Македонија не се зборува доволно за оваа тема и нема инклузија на тие луѓе. Немам многу позитивно искуство во нашата земја за вработување на лица со различности, но проекти како овој, дефинитивно се светла точка и мотивација. Досега не сум имала прилика да се занимавам професионално. Мојата првична професија е молекуларен биолог. Учев и живеев во Бугарија неколку години, но за жал, откако се здобив со инвалидитет, морав да сменам професија. Се преквалификував и започнав да работам како инженер за осигурување квалитет. Дефинитивно оттаму го добив тоа чувство за детали и следење инструкции или желби на клиентот – објаснува Теодора, која работи онлајн веќе четири години.

Таа посакувала да си отвори свој мал бизнис, но ковид-пандемијата ја натерала да ја одложи таа идеја. Вели дека Академијата ѝ оставила позитивен впечатокот.

– Менторката Александра Коложег-Гиевска е исклучително професионална и отворена за соработка. Групата, пак, е составена од интересни жени од различни сфери. Сигурна сум дека нашата соработка како професионална, така и друштвена ќе продолжи и надвор од кругот на Академијата – категорична е Теодора.

Таа посакува да добие можност да работи на реални проекти и не би одбила идни ангажмани.

– Досега часовите се движат во согласност со моите очекувања, интересни се, едукативни и мотивациски. Во секој случај најважно за мене би било да научам како да помогнам на еден стартап бизнис, мала и нова компанија, па кога ќе го започнам мојот бизнис, да си помогнам и себеси – вели битолчанката.

Сподели