Сакајте ја поезијата! Радувајте ѝ се!

Ви го пренесуваме посланието на Соња Стојменска-Елзесер од името на македонскиот ПЕН центар, по повод 21 Март – Денот на поезијата

Празникот на поезијата нè потсетува на одамна прифатеното и споделено сознание дека песната е неизоставна состојка на нашите животи, зачин без кој нашето битисување на овој свет би било блуткаво, а можеби дури и неподносливо. Низ вековите поетскиот израз ги менувал формите и карактеристиките, авторските поетики се проникнувале или се судирале, стилските доминанти се потиснувале или се надминувале, естетските вкусови се модифицирале, но, поезијата го задржала своето неприкосновено место во креативниот свет на човекот.

Особено во ова наше доба на мултиплицирани кризи и стравови, поезијата како да зема нов неслутен залет. Таа ја пробива бариерата на графичкиот отпечаток и се втурнува во сферите на другите уметности, се испреплетува со својата посестрима – музиката, продира во танцот и театарот, се накалемува на филмот и стрипот, на широка врата го преплавува виртуелниот простор на новите медиуми и технологии… Ја релативизира границата меѓу индивидуалното и колективното доживување, станува перформативна, достапна и вирална.

Соња Стојменска-Елзесер

Но, дури и во таква констелација на творечка слобода и демократизација на поетската реч, повторно, како многупати во историјата, се појавува потребата да се застане во нејзина одбрана. Овој пат, не за да се брани од проблематизација на нејзината смисла на постоење и иднина, како во случајот од пред две столетија во познатиот есеј на Перси Биш Шели, туку за да се брани од нешто што ја разјадува одвнатре, што подмолно ја кородира и девалвира, што се заканува да ја проголта. Да ја одбраниме поезијата од напливот на празно стихување, плиток сентиментализам, груб пропагандизам што се претставуваат како поезија, а всушност не се тоа! Да ја одбраниме, за да не ја изневериме!

Овој повик не смее да се сфати како елитистички или академски каприц! Тој подеднакво ги респектира сите класични и традиционални облици на поезија и сите алтернативно-хибридни начини на нејзино постоење. Тој извира од свеста дека автентичен поетски изблик може да се препознае и во популарната поезија, па дури и во маркетиншки слоган или дигитален клип, а фалшливи, празни стихови може да се прочитаат и во стихозбирки со луксузен повез.

Илјадници дефиниции на поезијата покажаа дека без разлика на кој тип и ера ѝ припаѓа, таа задржува извесни константи: имагинација, мајсторство на зборот (литерарност), енергетски полнеж (емоција или рефлексија), впечаток (звуковен или графички), тајна, игра, комбинаторика. И особено важно: автентичност.

А автентичноста е толку ретка и проблематична категорија во денешно време! Емоцијата, пак, околу која вообичаено се плете целата приказна за создавањето и циркулацијата на поезијата е лесно подложна на манипулации и погрешни толкувања. Ни најдлабоката емоција не мора да биде гаранција дека поетот ќе создаде силна и впечатлива песна. Впрочем, Оскар Вајлд имаше забележано дека: „Сета слаба поезија извира од искрени чувства“. Од друга страна, ако песната не еманира никаква емоција и вибрација, колку и да е вешто изградена, ритмизирана и искомбинирана, тешко дека ќе воспостави плодотворен контакт со читателот. Исто така, ни возвишената, китнеста или на друг начин провокативна реоторика сама по себе не е доволна за поезија, како што не е доволна ни само формална енигма, или само соголена мисла.

Поезијата е комплексна уметност во која човекот се надминува себеси, ги пробива конвенциите, се ослободува и се облагородува. Таа е понекогаш исповедна, понекогаш нагласено артифициелна, некогаш е просечна, ретко генијална – но, пред сè е автентична и верна на себеси, на своите елементарни карактеристики. Ако не е така, тогаш не е поезија.

Кој е тој што ќе каже што е вистинска поезија? Тоа е секој поет и секој читател. А не постои поет што не е истовремено и читател. Затоа, одбраната на поезијата денес е првенствено во рацете на читателите и таа едноставно гласи: одржувајте го контактот со поезијата! Сетете се на советот од Јохан Волфганг Гете дека секој ден треба да „слушнеме куса мелодија, да прочитаме добра песна, да видиме убава слика и по можност, да проговориме неколку разумни зборови“, што во денешно време може да се постигне и истовремено, со само еден притисок врз компјутерското глувче. Почувствувајте како стиховите „ве допираат“, ви будат возбуда. Посакајте да ги научите наизуст и самите да ги кажувате. Зближете се со самите песни, не со биографиите и статусите на нивните автори. Препрочитувајте! Подобро сто пати една иста песна што ви значи, отколку сто песни што ништо не будат во вас. Сакајте ја поезијата! Радувајте ѝ се! За да може да се издиференцира она што е вистинска поезија од какол.

Само така има шанса да не ја изневериме поезијата!

Сподели