Театарот за деца и младинци од Скопје на 9 јули ќе учествува на Которскиот фестивал на детски претстави со претставата „Роња, ќерка на ограбувачот“ во режија на Јакуб Максимов од Чешка. Претставата веќе има голем успех кај публиката, а освои и неколку награди. Актерката Матеа Јанковска на неодамна завршениот МТФ „Војдан Чернодрински“ ја освои наградата за најдобра млада актерка.
Претходно, на фестивал во Нови Сад, Србија таа ја доби наградата за најдобра анимација на кукли, а претставата доби Гран-при.
Подготвена според истоимениот роман на светски познатата шведска авторка Астрид Линдгрен, претставата зборува за мостовите во животот. Тоа е приказна за две банди, завојувани ривали, но и за две деца што го градат својот пат во животот. Двете деца, кои се од различни кланови на ограбувачи, започнуваат една сосема поинаква авантура. Нивната приказна е приказна за пријателството и за силната врска меѓу две чисти души.
Освен Јанковска, во претставата играат и: Ангела Димитрова, Никола Наковски, Катарина Илиевска-Силјановска, Петар Стојанов, Мики Анчевски. Драматург е Горјан Милошевски, а сценографијата, дизајнот на куклите, маските и костимите се на Олга Зјебинска од Полска. Композитор и корепетитор е Лазар Новков од Србија.





