„Роња, ќерката на ограбувачот“ ќе го отвори фестивалот „Игор Маџиров“, гостуваат осум претстави

Претставата „Роња, ќерката на ограбувачот“ на Театарот за деца и младинци, ќе го отвори второто издание на Интернационалниот фестивал на детски театри „Игор Маџиров“, утревечер во 19 часот на матичната сцена. Уште осум претстави ќе гостуваат на фестивалот, што ќе трае до 30 септември.

На програмата ќе бидат: „Шума од песни“ на „Кускус“ Институт арт продукција од Љубљана, „Бременските музиканти“ на театар „Бабец“ од Битола, „Ова сум јас“ на театарот „Поко локо“ од Загреб, „Момчето со куферот“ на Мал театар „Душко Радовиќ“, „Пинокио и Црвенкапа во потрага по Аладиновата ламба“ на Албански театар за деца и младинци, „Среќна куќичка“ на гостите од Градскиот куклен театар од Риека, Хрватска, „Бамби“ на Театарот за деца и младинци од Крагуевац и претставата „ERROR 404“ во изведба на Ангелес де Трапо од Малага, Шпанија.

Фестивалот се реализира под мотото „Ослободи ја својата фантазија“. И ова издание ќе биде под покровителство на претседателот Стево Пендаровски.

– Минатата година за прв пат се соочивме со овој адреналински предизвик кој за нашата институција значи запишување на мапата на светот на професионални фестивали на детски претстави и на „Игор Маџиров“ – истакна Катарина Илиевска – Силјановска, директорка на Театарот за деца и младинци.

Годинешната програма е посветна на малите театарски форми. Фестивалот и годинава ќе доделува Гран при, како и награда за најдобра режија, две актерски награди, сценографија, костимографија, специјална награда. Жирито е во состав: режисерот Тин Грабнар од Словенија, претседател и актерот Драган Довлев, актуелен претседател на Советот на фестивалот и Миливоје Младеновиќ, театролог и поранешен директор на „Стеријино позорје“.

Новитет за оваа година е што воведуваме и детско жири кое ќе има задача да ја оцени и награди најдобрата претстава на фестивалот, по нивен избор.

Од годинава фестивалот „Игор Маџиров“ започнува соработка и со Факултетот за драмски уметности, каде што ќе се одржи работилница за куклен театар наменета за студентите и веќе дипломираните актери и режисери, а истата ќе биде предводена од актерката и режисерка Тамара Кучиновиќ, професорка по куклен театар од Факултетот за драмски уметности во Осиек, Хрватска. Во рамките на фестивалот ќе има уште една работилница наменета за деца и наставници, на тема куклен театар, предводена од режисерот Давор Драгојевиќ од Подгорица, Црна Гора.

– Задоволни сме што имавме одлични резултати од минатата година. Сакам да ја истакнам важноста на нашиот патрон на фестивалот, Игор Маџиров, симбол на детскиот театар воопшто. Верувам и посакувам овој фестивал да прерасне во традиција, затоа што е важен чинител и за публиката и за нас како единствена професионална институција од областа на детско – младинскиот театар, изјави Довлев.

Фестивалот годинава е поддржан од Министерството за култура. Претставите се изведуваат на сцените на ТДМ, Театар Комедија, МНТ, Албански театар за деца и млади, а цената на билетите е 200 денари.

Сподели