Романот за деца „Мојот татко спие со ангелите (мал воен дневник)“ на македонски јазик

Oд печат излезе романот „Мојот татко спие со ангелите (мал воен дневник)“ на познатиот хрватски писател Стјепан Томаш, издание на книгата „Македоника литера“. Романот на македонски јазик го преведе Славчо Пеев.

„Мојот татко спие со ангелите“ првпат е објавен во 1992 година. Потоа Стјепан Томаш ја продолжи приказната и напиша уште два дела и како проширено издание беше објавен со наслов „Мал воен дневник“ (1994). Но во наредните изданија (од 1997) беше публикуван како „Мојот татко спие со ангелите (Мал воен дневник)“ и досега има 15 изданија на хрватски јазик.

Книгата е популарна кај младите читатели во Хрватска и е задолжителна лектира во основното образование во Хрватска. Напишана е во форма на дневник. Главниот лик – девојче, пишува дневник за војната во Хрватска во почетокот на деведесеттите години на минатиот век. Во вториот и третиот дел се опишани заминувањето на децата од основно училиште во Осиек во австрискиот град Пинкафелд и нивното враќање во Осиек (по стодневен егзил).

– Преку дневничките записи е раскажана приказната за девојчето Цвијета Матковиќ. Ненадејната промена во начинот на живот, предвоената и воената ситуација се прикажани од перспектива на десетгодишно девојче кое не е сосема свесно што се случува околу него. Сè што гледа е вознемиреност, постојан хаос што станува секојдневие, а потоа и страв кој полека се влева во него и во нејзиното семејство – велат издавачите.

Овој и романот „Добар ден, тато“ повеќе од две децении се задолжителна лектира во основното образование во Хрватска и се култни романи во современата хрватска литература за деца.

Стјепан Томаш (1947 година) е современ хрватски писател. Објавил петнаесетина книги раскази и романи за возрасни, како и книга со драми од кои две се изведени (во Загреб и Осиек). Пишувањето за деца го започнува со радиопиеси (наградувани и емитувани на тогашното Радио Загреб), а потоа ги објавува романите: „Молецот и ноќниот чувар“ (1982), „Добар ден, тато“ (1987), „Ало, овде се командосите“ (1991) и многу други. Живее и пишува во Осиек.

Сподели