Во Младинскиот културен центар во Скопје вечерва во 19.30 часот ќе се одржи промоција на романот „Потстанар“ од Филип Грујиќ од Србија. Книгата е издание на „ПНВ Публикации“, промотор е Сашо Огненовски, а модератор – Јулијана Величковска.

– „Потстанар“ е, всушност, лирска, минималистичка приказна за израснувањето и созревањето во светот што ти нуди безброј опции, само што сите тие се сведуваат некако на исто, а тоа исто – како на „пораснат субјект“ – баш и не ти изгледа премногу привлечно. Во својата изместеност и благата ониричност, овој роман има дури и по малку муракамиевски трик во себе… – вели Теофил Панчиќ за романот.

Филип Грујиќ (1995, Нови Сад) е дипломиран драматург и живее и работи во Белград. Неговиот прв роман е „Блудните денови на курестиот Џони“. Ја добил Стериината награда за неговиот прв драмски текст „Не пред 4.30 ниту по 5“ што сѐ уште се игра во „Ателје 212“ во Белград под наслов „Пред зазорување“. За истата драма ја добил и наградата „Слободан Селениќ“. Неговата втора драма „Вилицата на Ибан Баерс“ е поставена во Српскиот народен театар под наслов „Големата депресија“. За овие две драми и за драмата „Таму каде што пеат“, што ја изведуваа студентите од ФДУ, Скопје, ја доби и наградата „Борислав Мијаловиќ Михиз“. Неговиот втор роман „Потстанар“ што излезе во издание на ЛОМ од Белград беше во потесен круг за НИН-овата награда и во потесен круг за наградата на Европската Унија.

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.