Романот „Дрвеници“ на хрватската писателка Мартина Видаиќ објавен на македонски

Македонскиот превод на романот „Дрвеници“ од современата хрватска писателка Мартина Видаиќ, во превод на македонски јазик на Ѓорѓи Крстевски, е објавен на македонски во издание на „Антолог“ од Скопје. Станува збор за суптилна и длабоко човечка проза што се движи по рабовите на личната загуба, сеќавањето и просторот во кој живееме и кој нè обликува. Романот е добитник на Наградата за литература на Европската Унија за 2023 година.

Во фокусот е младата архитектка Горана Храбров, која се справува со смртта на својот партнер преку пишување писмо до некој што таа го именува како „Студена“, напуштајќи го изнајмениот стан во загрепската населба Медвешчак и започнувајќи тивко талкање низ градот. Но градот не нуди утеха: со својата бучна рамнодушност, со зградите што луѓето ги подигнале како одбрана од сопствените стравови, тој постои независно од нејзината лична драма.

Следејќи ја Горана низ улиците на Загреб, читателот влегува во свет на архитектура на брутална грдотија и избледена убавина, во кој луѓето минуваат низ туѓите животи како статисти. Подоцна, враќањето во родниот град ја соочува хероината со нова загуба – мајка ѝ на смртна постела – и со сложените, често премолчени односи во семејството.

Со исклучително прецизно и чувствително писмо, Видаиќ ги доловува деталите од физичкиот простор – куќи, улици, ентериери – но и од внатрешните пејзажи на своите ликови. Судбините се прикажани преку ситни, речиси незабележливи исечоци од секојдневјето, во кои се кријат најдлабоките пукнатини. Вештината со која авторката ја води својата хероина во реконструирањето на урнатата куќа на сопственото семејство, под чија тежина и тајни се одвива и потрагата по сопственото јас, го вбројува „Дрвеници“ меѓу врвните остварувања на современиот хрватски роман.

Од загубата на саканиот до распадот на домот, Видаиќ го поставува едно суштинско прашање: како да го уредиме сопствениот свет без да нè повреди? Со интелектуална острина, темна нежност и разорен хумор, авторката обликува свет во кој најмалите, наизглед незабележливи детали на луѓето и просторот стануваат клуч за разбирање на скриената темнина во секој од нас.

Книгата на македонски јазик е објавена со поддршка на програмата Циркулација на европски книжевни дела во рамките на Креативна Европа на Европската Унија – Потпрограма „Култура“ и на Министерствата за култура на РС Македонија. Книгата е достапна во книжарниците и преку дистрибутивната мрежа на издавачот.

Мартина Видаиќ (1986) е хрватска писателка и поетеса. Родена е во Задар, каде што дипломирала кроатистика. Со својата прва поетска збирка во 2011 година ја освоила високата поетска награда „Горан за млад поет“. Нејзините песни се објавени во повеќе домашни и меѓународни антологии. Во 2019 г. го објавила својот прв роман. Добитничка е и на наградата „Јанко Полиќ Камов“ (2021) за поетско-прозната книга „Плоштад, продавница, нож“, како и на Наградата за литература на Европската Унија за романот „Дрвеници“ во 2023 г.

Ѓорѓи Крстевски (Скопје, 1981), завршил руски јазик и книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Преведува од руски, англиски, српски и хрватски јазик, а досега превел околу педесетина книги. Автор е на збирките кратки раскази „Обични и необични приказни“ (Темплум, 2011) и „Другата страна“ (Бегемот, 2019), а во 2005 година, заедно со други двајца автори ја објавија книгата кратки прози и поезија во проза „Не сакав да ви кажам ништо“ за издавачката куќа АШ. Негови раскази се застапени во антологијата на македонскиот краток расказ „Џинџуџе во светот на афионите“, во антологијата „Скопски раскази“, во антологијата на македонскиот фантастичен расказ „Тешка ноќ“, во антологијата на млади македонски автори „Ветрот носи убаво време“ и во проектот „Раскази.мк“, како и во неколку книжевни списанија во земјава и во странство. Објавува свои дела на разни интернет-портали кои ја промовираат уметноста. Освен кратки раскази, пишува и афоризми и поезија. Живее и работи во Скопје.

Сподели