Од печат излезе романот „Досада“ на познатиот италијански писател Алберто Моравија, во издание на „Македоника литера“. Преводот од италијански на македонски јазик го направи Анета Симовска. Станува збор за едно од најзначајните дела на Моравија, еден од најпознатите италијански писатели на 20 век.
„Досада“ е „љубовен роман“, но и роман за љубомората и опсесијата кои даваат необично чувство на моќ. Тоа е храбар, евокативен, никогаш досаден роман. „Досада“ нуди длабок и безмилосен портрет на поединец лишен од интегритет. Романот дава детали за два маестрално изградени лика кои се сосема различни и необични, но сепак пленуваат. Ова е фасцинантен и провокативен роман кој ги истражува односите меѓу здодевноста, сексуалната опсесија и богатството во општествените слоеви во Рим од 1950-тите.
– Моравија има извонредна способност да ја опишува психолошката карактеризација на ликовите и нивните постапки. Со својата смисла за хумор, тој го претвора целиот овој роман во една голема иронија. Тој пишува со голема изразна слобода – велат издавачите.
Романот „Досада“ бил објавен и во книжарниците стигнал на 24 ноември 1960 година: а веќе во декември се случило четвртото препечатување и за неколку месеци биле продадени 120.000 примероци.
Алберто Моравија (Рим, 1907 – Рим, 1990) е италијански писател, есеист, сценарист и критичар, чии дела проникнуваат во разни аспекти од современиот живот, како што се сексуалноста, отуѓувањето и егзистенцијализмот. За повеќе од шеесет години писателска кариера, објавил над четириесет книги, за кои ги добил најпрестижните италијански книжевни награди, меѓу кои и наградите „Стрега“ и Виареџо“. Беше вечен кандидат за Нобеловата награда за литература, номиниран 13 пати меѓу 1949 и 1965 година. Неколку негови романи се филмувани.





