За својот роман „Вистинита но не многу веројатна историја за семејството Пустополски за куќата покрај Вардар и за четирите прстени“, македонскиот писател Влада Урошевиќ ја доби книжевната награда „Роман на годината“. Награденото дело е седмиот роман на Урошевиќ, а освен што е едно од неговите најобемни дела, препознатливо е по долгиот наслов. Во најтесниот избор за наградата ова година влегоа и авторите Венко Андоновски за делото „Папокот на светлината“, Живко Грозданоски за „Писмо за Глорија“ и „Столб што пее“ од Томислав Османли.

Добитникот на наградата беше соопштен денес, на прес-конференција во кафе-книжарницата „Буква“. Оваа година, во жири-комисијата членуваа Симона Јованоска, Гоце Ристовски, Илир Ајдини, Сашо Кокаланов и Катерина Богоева.
Писателот за време на промоцијата на романот „Вистинита но не многу веројатна историја за семејството Пустополски за куќата покрај Вардар и за четирите прстени“, изјави дека сакал да напише старовремски роман.
Наградата „Роман на годината“ ја доделува Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“.





