Иднината на Европа се младите и нивните таленти, а тие можат да бидат унапредени и зајакнати ако универзитетите имаат соодветна визија и капацитет, рече евроамбасадорот Михалис Рокас при посетата на Тетово. Тој се сретна со локалните власти, претставници на граѓански инцијативи, претприемачи и други членови на локалната заедница и со кои дискутира за важните прашања што ја засегаат конкретната заедница.
Рокас се запозна со успешните стартап приказни од Полошкиот регион кои се резултат на поддршката од европската заедница, но и можностите за развој на локалните бизниси преку унапредување на дигитализацијата. Тој присуствуваше на отворањето на хабот на акцелераторската програма 700 Акцелератор на Универзитетот на Југоисточна Европа, каде што ги слушна идеите и плановите на 11 стартапи од Полошкиот регион кои се дел од оваа програма.

Програмата е поддржана од Европската Унија и од германската влада, а преку неа се обезбедуваат грантови, инвестиции и поддршка за иновативни стартапи. Таа досега лансира успешни бизниси во Тетово и околината, при што локалните претприемачи успеваат да ги трансформираат своите идеи во одржливи бизниси со забележителен раст. На отворањето на 700 Акцелератор хаб присуствуваа и ректорот на Универзитетот на Југоисточна Европа, Абдулменаф Беџети и директорот на ГИЗ за Македонија и за Косово, Давид Оберхубер.
Во рамки на посетата на Тетово, Рокас и министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, пред заинтересираните претприемачи, студенти и други гости, ги презентираа придобивките од програмата Дигитална Европа (Digital Europe Programme), финансирана од ЕУ, која се фокусира на воведување дигитални технологии во бизнисот, јавната администрација и меѓу граѓаните со цел унапредување на различните процеси во секојдневието.

– Иднината на Европа се младите. Нема сомнеж дека дигиталната трансформација, иновациите, стартапите и претприемачите, и во денешниот свет на целосна нестабилност, бараат можности за развој на бизнисот. Северна Македонија може и треба да биде дел од овој процес. Со проекти како EU4growth, којшто ги поддржува локалните стартапи, со програмата Digital Europe, но и преку Планот за раст, ЕУ креира можности со цел земјата да ги има алатките со кои ќе одговори на потребите и на предизвиците на европскиот пазар, којшто се менува со огромна брзина – истакна Рокас.





