„Роднокрајни поетски средби“ во Europe House во Струмица

По повод Светскиот ден на поезијата, Здружението за развој на култура и заштита на културно наследство „Контекст-Струмица“ во соработка со Europe House во Струмица вечерва во 19 часот го организира 16. издание на „Роднокрајни поетски средби“.  Да го прославиме овој значаен ден за литературата, Меѓународниот ден на поезијата, да го одбележиме овој празник и да уживаме во творештвото на роднокрајните поети од Струмица и околината, велат организаторите од „Контекст“.

Станува збор за поетска манифестација која редовно се одржува на различни локации во Струмица и струмичко и истата има за цел да ги промовира домашните автори по еден сосема уникатен и неформален начин, со помош на интеракција и слободен пристап. Секој што пишува или има што да каже може да биде дел од овие средби, во иднина оваа манифестација ќе го прошири самиот формат, па освен поети, ова е идеално место да се претстават и луѓе кои се занимаваат со перформанс, stand up, слем поезија, free style изразување, MC-a и што уште не. Да се биде отворен кон сите нови форми на интерпретација е од исклучителна важност, со проширувањето на кругот на учесници ќе се создаде уште поширокогледа платформа.

Роднокрајни поетски средби досега биле домаќини на повеќе од 50 локални автори и десетици етаблирани поети од Македонија и странство.

Овој настан има за цел да ги зближи роднокрајните автори и да креира јадро за запознавање, презентација и промоција на истите, истовремено да и понуди на публиката автори од Македонија и странство кои досега не настапувале во градот, а ја имаат желбата тоа да го направат пред публиката која со будна уво и душа е спремна да го чуе секој нов стих напишан од оние кои се презентираат.

Самата цел на настанот е доближување на творештво поблиску до читателите и афирмација на роднокрајното творечко перо.

Сподели