Не е тешко, туку е многу тешко да се создаде сопствен бренд, особено кога тоа го правите со мало бебе дома. И тоа зборуваме за бренд за кој како новинарка целам и се трудам максимално да ги запази сите етички и новинарски норми, да биде квалитет во морето на квантитет кој плива во медиумските води.
Најлошо е ако останете во комфорната зона и не се прилагодите на новите технологии, трендови во медиумската работа. Теодора Цветковска дефинитивно не е од оние што нема да пробаат нешто ново. Нејзин најнов проект е поткастот „Анекта“, што го започна пред само четири месеци, а веќе има снимено повеќе од дузина емисии.

Теодора Цветковска
Како дојдовте до идејата за „Анекта“?
– По мојот престој во Прага, Чешка во 2021 година каде што работев како стипендист во македонскиот сервис во „Радио Слободна Европа“, сфатив дека немам каде да се вратам. И тоа не поради фактот што немав понуди и можност да работам и на старото работно место, како и уште неколку примамливи понуди од уште неколку домашни медиуми, едноставно ми фалеше нешто ново, нов формат, нешто што нема да го работам, затоа што ете морам, туку затоа што сакам. Никогаш не сум сакала шаблони, па така решив да направам свој поткаст во кој ќе можам слободно и без никаква цензура и водење по туѓа уредувачка политика да викнам кого сакам и да зборуваме за сè што мислам дека е важно јавноста да го чуе. Затоа што „Анекта“ е таа што раскажува, па решив да раскажувам. Она што сметам дека најдобро го знам. Некои колеги се специјализирани во економија, други се во сектор надворешна политика, јас сум жена што е за меѓу народ, што знае „добро“ со луѓето. Како што кажав, ете таква сум се родила – раскажувачка.

Со кого ја работите, кој е тимот на „Анекта“?
– Тимот сме двајца ентузијасти или во ова време невреме на инфалции и нестабилна економија – двајца лудаци, мојот сопруг и јас. Правиме сè сами, од снимање, монтирање, водење социјални мрежи, договарање гости. Тука има уште неколку пријатели и познаници што помагаат цело време со совети и насоки. Вечно ќе им бидам благодарна што се тука од самиот почеток, а и на вас за оваа колегијалност и солидарност.
Како ги избирате соговорниците, што е за Вас најважно за да им одвоите медиумски простор?
– Почнав од тоа што е она што јас би сакала да го гледам и слушам, а го нема во етерот, а тоа се интересни приказни на луѓе со различни професии и различна природа. Затоа во мојот поткаст можете да чуете и музичари, писатели, новинари, ама и лекари.
Поткастот како новинарска форма е сè попопуларна и кај нас. Каква е гледаноста на засега 16 епизоди на „Анекта“ ? Дали сте задоволни?
– Оди споро, но оди во нагорна линија и во правец во кој очекував. Јас сум многу повеќе личност што сака заслужен и спор успех на тоа што го работам, инстант успех преку ноќ така и си заминува, како што дошол. Важно ми е дека ми пишуваат луѓе, даваат предлози за гости, им се допаѓа мојата работа, го препознаваат потенцијалот, но и важно ми е што моето досегашно искуство и, според мене, добра репутација успевам да ја задржам и публиката тоа го цени.
Колку е тешко да се создава свој бренд во време на преплавеност од секакви т.н. медиуми? Сметате ли дека треба да се има поголема поддршка и од новинарските здруженија за овие храбри чекори?
– Не е тешко, туку е многу тешко, особено кога тоа го правите со мало бебе дома. И тоа зборуваме за бренд за кој како новинарка целам и се трудам максимално да ги запази сите етички и новинарски норми, да биде квалитет во морето на квантитет кој плива во медиумските води. Сепак, мислам дека ова мора да ни се случи. Истото беше и со онлајн-порталите кога се појавија, некој ќе каже дека и сега е исто, дека секој кој што сака може да отвори портал и да се нарекува новинар. Но, не е баш така, не се сите релевантни и читани. Се издвоија оние што навистина знаат и си ја работат работата чесно. За сè друго треба да пријавуваме во новинарските здруженија, пред сè, во Советот за етика на медиумите во Македонија. Да пишуваме јавно, да критикуваме. Мора да си го зачистиме дворот ако сакаме да бидеме ценети и да не нè ставаат во ист кош со секакви луѓе со сомнителен морален компас. Мора да се прашаме кој е сè новинар? Кој може да има поткаст, да е инфлуенсер итн.
И затоа тука сметам дека игнорантноста е многу опасна работа. Тие што замижуваат и молчат се исто така дел од проблемот. А, за поддршката од новинарските здруженија мора да ја има, сепак сметам дека ова е еден нов бран и правец на вакви медиумски продукти, така што сум сигурна дека и ова прашање набрзо ќе се најде на „масата“ на еснафските здруженија.
Како новинарка, сакате да истражувате во жанровите, сте поминале и низ пишан медиум, ТВ… Уморува ли евидентната потреба да се следат трендовите за да може да се стигне до поголема публика?
– Нема друг начин, освен постојано да се следат трендовите. Публиката се менува, се менува и технологија многу побрзо отколку што ние можеме да ја следиме. Тоа е така во сите професии, светот движи и се менува. Секој кој што не сака да излезе од комфор зоната, за жал, ќе биде проголтан од времето. Да, навики тешко се менуваат, но во време во кое со еден клик се стигнува до информација кој ќе ги чека вестите во 16 часот, за прес конференција која се одржала во 10 часот да речеме? Многу светски медиуми отпуштаат работници, за жал, се затвораат и редакции, весниците веќе скоро и да не постојат, а ТВ публиката е веќе доста возрасна секаде во светот.
Тешки се овие времиња, но мора да се навикнуваме и прилагодуваме, а сепак покрај борбата за клик повеќе од која најчесто зависи и егзистенцијата на многу новинари да бидеме објективни и етични во ова што го објавуваме и да се избориме за фер работнички права. Зошто еден ден и новинарите треба да отидат во пензија, нели?
Каков е планот за „Анекта“ за годинава?
– Прво очекувајте неколку интересни епизоди за празниците во јануари, а понатаму дефинитивно поголема соработка и времжување со други медиуми и организации. За другото да не нагаѓам, никогаш не се знае што следно може да се случи и во кој правец ќе отиде поткастот. Ќе ви кажам на првиот роденден на „Анекта“, на 15 септември.





