Донација – роботски едукативен сет доби Државното училиште за рехабилитација на деца и младинци со оштетен вид „Димитар Влахов“ од Скопје, од Здружението за развој на технологија, роботика и иновации (CTRI). Тие велат дека ова е директна инвестиција во инклузивно и современо STEM образование. Воедно школото и здружението потпишаа меморандум за стратешка и долгорочна соработка. Документот го потпишаа м-р Васка Медиќ, претседателка на CTRI, Јованчо Зашаровски, претставник на здружението и Александра Јаковчевска, директорка на „Димитар Влахов“.

Донацијата има јасна образовна цел – да овозможи практична примена на роботиката во наставата и да придонесе кон развој на логичко размислување, фина моторика, сензорна интеграција и дигитални компетенции кај учениците со оштетен вид, зајакнување на нивната самодоверба и самостојност. Соработката се реализира во рамки на иницијативата „Lego Инклузија – Сетилен пат до иновација“ чија цел е создавање мултисензорна STEM средина преку тактилни методологии, Брајови инструкции и пристап што го става ученикот во центарот на процесот.

– Секое дете треба да има пристап до технологија и иновација, без разлика на попреченоста. Инклузијата не е декларација, туку системска посветеност – вели Медиќ.
Јаковчевска нагласи дека ваквата соработка претставува значаен чекор кон модернизација на наставата и зајакнување на самодовербата кај учениците со оштетен вид.
– Ова партнерство покажува дека кога институциите и граѓанскиот сектор работат заедно, можеме да создадеме реални и одржливи решенија за инклузивно образование. Технологијата станува мост, а не бариера – вели Зашаровски.

Во рамки на програмата се одржа и четвртата инклузивна STEM работилница, фокусирана на механичко движење, програмирање и комуникација преку технологија. Учениците работеа на изработка и програмирање на механизам со контролирано движење. Тие ги истражуваа основите на моторизирани системи, учеа како програмскиот код влијае врз физичката акција, ја разбираа врската помеѓу причина и последица, развиваа техничка прецизност и просторна ориентација.
Посебна вредност имаше примената на тактилни и Брајови инструкции, кои овозможуваат самостојно следење на чекорите за градба и програмирање, зголемувајќи ја автономијата и активното учество на учениците во наставниот процес.





