Светската музичка ѕвезда Рита Ора на 1 август ќе одржи голем концерт на стадионот „Билјанини извори“ во Охрид. Концертот го организира „Прагма продукција“. Рита Ора е британска пејачка, текстописец и актерка со косовско-албанско потекло. Родена е 26 ноември 1990 година во Приштина. Семејството Ора се преселило во Лондон кога таа имала една година, поради политичките околности во тогашна Југославија. Израсната во западен Лондон, Рита рано покажала интерес за музиката и сцената, настапувајќи на училишни приредби и во локални клубови. Студирала на Sylvia Young Theatre School, позната по тоа што образува млади таленти за музика и актерство.
Рита Ора се пробива на меѓународната сцена во 2012 година, кога се појави како гостин-вокал на хитот „Hot Right Now“ на британскиот диџеј DJ Fresh, кој стигна до првото место на британската топ-листа. Истата година го издала својот деби албум „Ora“ (2012), кој веднаш се искачи на врвот на UK Albums Chart. Албумот ги вклучуваше успешните синглови „R.I.P.“ и „How We Do (Party)“, со што Рита Ора се етаблира како ново поп-име со силно присуство и препознатлив глас. По неколку години пауза и правни спорови со издавачката куќа, таа се врати со вториот студиски албум, „Phoenix“ (2018). Овој албум означи нова етапа во нејзината кариера, со поинтимни и лични теми, како и соработка со големи музички имиња. „Phoenix“ ги донесе хитовите „Anywhere“, „Let You Love Me“ и „Your Song“. Со песната „Let You Love Me“ Рита постави рекорд како британска соло-артистка со најмногу песни во Топ 10 на британската листа во тој период.
Во 2023 година го издаде својот трет студиски албум, „You & I“ (2023), инспириран од нејзиниот личен живот и бракот со режисерот Таика Ваитити. Албумот претставуваше поемотивна и поавтентична страна на уметницата, со фокус на љубовта, стабилноста и зрелоста. Со ова издание, Рита покажа дека може да се развива и да експериментира, задржувајќи ја поп-естетиката по која е препознатлива.
Покрај музиката, Рита Ора има изградено и актерска кариера. Се појави во филмската франшиза „Fifty Shades of Grey“ во улогата на Миа Греј, како и во други филмски и телевизиски проекти. Таа била судија и ментор во музички шоуа како „The X Factor UK“ и „The Voice“, каде што ја демонстрираше својата способност да препознае и развива нови таленти.
Билети за концертот во Охрид може да се набават преку продажната мрежа на: www.kupikarta.com, Розе Веро 2, „ЈК травел“ во тргивските центри „Бисер“ и во „Дајмонд“.





