Во Македонија, од 2017 до 2021, само 15,3 отсто од филмовите биле направени од режисерки. Само еден од петте филмови премиерно прикажани во кината во 2020 и 2021 година бил режиран од жена

Режисерките добиваат помалку јавни средства, работат со пониски буџети, а нивните филмови имаат пократка дистрибуција. Сепак, нивните филмови често се уметнички поуспешни и финансиски поефикасно се произведуваат. Евидентна е родовата нееднаквост во европскиот филм во 2021 година. Недостатокот на женски талент во индустријата не може да биде проблем на квалитетот како што често се тврди, туку индустријата не успева да ги одржи кариерите на режисерките. Ова се дел од заклучоците на истражувањето на Лабораторијата „Жени на кино“ од Франција во соработка со Европската филмска опсерваторија во кое за првпат се објавени и податоци за Македонија, односно статистички податоци за положбата на авторките како и активности за борба против родова стереотипизација, преку македонската Агенција за филм.

Во Европа, само еден од пет филмови е режиран од жена, беше потврдено и на последниот Форум на мрежата на креативни филмски градови на УНЕСКО на тема „Зајакнување на улогата на жената во аудиовизуелните медиуми“ што се одржа во Битола. На форумот беше дискутиран родот во филмот и медиумите, беа споделени статистики од градовите-членки на мрежата, беа презентирани идеи и покренати иницијативи за постигнување родова еднаквост и намалување на родовиот јаз во овие индустрии.

Лиса Навроцки од Потсдам, Германија, град кој стана дел од мрежата во октомври 2019 година се фокусираше на жените во филмот споделувајќи ги статистиките од германската асоцијација Pro Quote Regie (PQR), која се залага за родова еднаквост во распределбата на ресурсите и можностите меѓу филмаџиите во Германија.

– Жените сè  уште се малцинство во филмската индустрија. Само 25 отсто од сите филмови прикажани во Европа од 2017 до 2021 биле режирани од жени. 34 отсто биле продуцирани од жени, 28 отсто напишани од жени, а само 10 отсто снимени од жени. Имаме многу жени кои учат на филмските академии во Германија, дури 56 отсто, но подоцна кога се вклучуваат во филмската индустрија нивниот број значително опаѓа на 24 отсто, а кога станува збор за финансирање на филмовите, само 16 отсто од жените добиваат финансиска поддршка. Треба сите да се запрашаме што се случува – рече Навроцки.

Таа додаде дека и ситуацијата пред камерите не е многу подобра. До 30-годишна возраст речиси еднаква е застапеноста на актерите и актерките, но штом се помине оваа граница со секоја декада процентите во корист на жените се намалуваат и во филмот и на малите екрани.

Родовиот јаз е најизразен меѓу кинематограферите каде жените сочинуваат само 9 отсто во Европа. Жорди Хернандез Прат од Тераса, Шпанија, кој е актуелен координатор на мрежата филмски градови на УНЕСКО, истакна дека иако во последните години шпанскиот филм бележи значителни успеси за што доказ е и победникот на последното Берлинале, „Алкараз“ од режисерката Карла Симон, сепак реалноста е загрижувачка.

– Шпанскиот сектор за играни филмови е доминантно машки каде вертикалната и хоризонталната сегрегација на работните места буквално се репродуцира врз основа на полот на секој професионалец. Режисерките имаат 50 отсто помал буџет во однос на нивните машки колеги, вклучувајќи и државни пари. Како контраст на ова, пак, е меѓународната препознаеност на режисерките и сценаристки каде бројките се речиси двојно во корист на жените. Сепак, ниту една од трите национални награди во 2021 не беше доделена на жена – посочи Хернандез Прат цитирајќи ги бројките од Студијата за 2021 спроведена од Шпанското здружение на жени филмаџии и аудиовизуелни медиуми (CIMA).

Ова го потврди и Гијом Русо од Ваљадолид, кој додаде дека во однос на просечниот буџет за филм очигледно е дека се фаворизираат мажите – 1,5 милиони евра за жени наспроти 2,7 милиони евра за мажите. Тој посочи на неколку иницијативи и проекти што имаат за цел да ја подобрат положбата на жените во филмот и информирање дека во Шпанија во подготовка е нов Закон за родова еднаквост и имиџот на жените во филмот.

Надоврзувајќи се на Русо, Соња Бахус од Лоѓ посочи дека образованието има огромна улога за промена на оваа слика. Лоѓ и Потстдам имаат заеднички проект „Женски перспективи“, којшто претставува серија настани и дискусии за жените во новата полска и германска филмска индустрија и нивните дела со цел да ги направи повидливи. Од овие дискусии произлегло дека е потребно да се издвојат успешни примери, да се даде повеќе простор на жените, потребни се правични исплати и финансирање, мрежи, меѓусебна поддршка, итн.

Дека и во Полска има голема нееднаквост меѓу мажите и жените во оваа професија потврдија и Кинга Плихт и Лукаш Цичовски од Гдиња, Полска). Плихт рече дека има огромни разлики во финансирањето на филмовите, а платата на жените е 40 отсто пониска за истата позиција.

– Само 14 отсто од долгометражните филмови во Полска се режирани од жени. Потребни се коренити промени во однос на регулација на финансирањето, примена на паритет за жените во органите на одлучување, како и во едукација на најмладите. Но ништо не се менува преку ноќ. Но, 2021 беше историски важна оти првпат во историјата се случи на жена да ѝ биде врачена наградата за животно дело на Полскиот филмски фестивал во Гдиња кога Агњешка Холанд ја прими наградата Платиумски лав – нагласи таа.

Статистики споделија и нивните бугарски колеги Билјана Генова, Дијана Андреева и Ралица Асенова од Софија, како и повеќе домашни претставници.

Лабораторијата предлага да се создаде движење за промена на оваа состојба, да се надмине фазата на дебати и да се фокусираме на идеи за преземање акции, а потоа и на експерименти кои ќе им овозможат на жените да го заземат местото кое го заслужуваат.

Во Македонија, од 2017 до 2021, само 15,3 отсто од филмовите биле направени од режисерки. Само еден од петте филмови премиерно прикажани во кината во 2020 и 2021 година бил режиран од жена.
Даниела Станковска-Плачковска од Агенција за филм информираше дека Агенцијата работи на овие родови прашања уште пред потпишувањето на Меѓувладината повелба за посветеност за родова еднаквост иницирана од Франција за време на Форумот за генерациска еднаквост во 2021 година. Тоа се проектот SNOWE 3, Жените во филмот во 2016 година, организацијата на Генералното собрание на Бордот на европскиот фонд „Еуримаж“ во октомври 2017 година, тркалезната маса „Жената е жена – архетип на женскиот лик во европската кинематографија“ во рамките на Бич филм фестивал во 2019 година, до иницијативата „Жените во филмот“ во 2021 година.

Меѓу домашните гости кои ја претставија целокупната медиумска слика во републиката беа режисерката Марија Џиџева, која била првата студентка по режија на Факултетот за драмски уметности Скопје во 1994 година, уредничката и директорка на телевизија „Телма“, Снежана Лупевска-Созен, претседателката на Програмскиот совет на Македонската радио телевизија, Смилка Јаневска-Саркањац, Марина Трајкова од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, Мими Ѓоргоска-Илиевска од Управата за заштита на културното наследство и поранешна директорка на Кинотека и Агенција за филм, Елена Бојаџиева-Цветковска од Асоцијацијата на креативни индустрии при Стопанската комора на РСМ, Саша Станишиќ, режисер и дистрибутер.

Согласно Законот за еднакви можности на жените и мажите од 2012 година, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, изготвува годишни анализи на третманот што го добиваат родовите прашања во дневно – информативните емисии и на начинот на кој жените и мажите се претставени во програмите на националните телевизиски сервиси. Трајкова презентираше дел од родовата анализа во медиумите и рече дека во телевизиската индустрија во Македонија, соодносот меѓу вработените мажи и жени континуирано покажува доминација на мажите, особено на раководните позиции каде има повисоки плати.

И Лупевска-Созен е согласна и додаде дека само 19 отсто од раководните позиции во приватниот сектор се жени, а нееднаквоста е видлива и во составот на Владата каде имаме само четири министерки и на локално ниво само две градоначалнички, додека во високото образование имаме повеќе жени од мажи.

На форумот произлегоа многу идеи за идни проекти и иницијативи за вмрежување меѓу институциите и асоцијацијата во градовите членки на мрежата, за едукација, филмска писменост, а како позитивен пример беше спомената Мрежата за медиумска писменост и групата за филмска писменост која беше особено активна изминатата година и првпат вклучи и филмска програма во рамките на Деновите на медиумска писменост.
На отворањето на форумот присуствуваше и заменик-министерот за култура Даим Лучи, кој во своето обраќање истакна дека дискусијата дава одлична можност да се разговара за актуелно прашање како што е родовата еднаквост во аудиовизуелните медиуми. Тој додаде дека имаме многубројни добитнички на реномирани награди на филмските фестивали во светот, што е за голема почит и изрази уверување дека овој тренд ќе продолжи и во иднина, а жените авторки ќе го освојат местото што го заслужуваат и ќе имаат уште поголема поддршка од филмскиот сектор.

Форумот го организираше Здружението за филмска уметност Центар за филм Битола во насока на подобрување на намалување на родовиот јаз во аудиовизуелните медиуми и поттинување на соработката помеѓу филмските градови од мрежата на УНЕСКО, размена на искуства и добри практики и заедничко делување за прашања од суштинско значење во филмската индустрија. Настанот  беше поддржан од УНЕСКО преку Министерството за култура во рамките на Програмата за партиципација на УНЕСКО за 2020-2021 година.

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.