Режисерот Леон Ристов е меѓу десетте млади режисери што Санденс институтот ги избра да учествуваат на програмата Sundance Institute Ignite x Adobe Fellowship. Ристов изучува мастер студии сценарио и режија на Универзитетот Колумбија, а ги заврши филмските студии на Wesleyan универзитет во државата Конектикат. Неговите филмови се прикажани на Сараевскиот филмски фестивал, и на повеќе од 30 меѓународни фестивали. Тој е алумни на Clermont-Ferrand Euro Connection.

Програмата ќе се реализира во Норт Адамс, Масачусетс и ќе се реализира од 23 до 27 јуни. Секој од учесниците добива уметнички грант од 3.000 долари, а финалното учество ќе биде на Санденс во 2026 година.
– Особена чест и задоволство ми е да споделам дека сум избран како еден од 10-те млади режисери во конкуренција од над 1,000 апликанти за Sundance Ignite x Adobe Fellowship — едногодишна програма насочена кон кариерен развој, промоција и вмрежување на млади филмаџии, во рамките на институтот „Санденс“, со поддршка од Adobe. Огромно благодарам до екипата на „Никола, Никола” – краткиот филм кој беше клучен дел од мојата апликација, како и до мојот професор и ментор Ерик Менделсон, кој ми напиша неверојатна препорака и кој има исклучителен придонес за мојот досегашен успех – вели Ристов.

Леон Ристов
Заменик-директорот на Sundance Institute Ignite, Тоби Брукс, изјави дека „ поддршката за раскажувачи на почетокот од нивната кариера е поважна сега отколку кога било претходно — постојат толку многу начини за уметниците на почетокот од нивниот пат да се развиваат, а наоѓањето заедница во која тоа може да се случи е навистина нешто посебно. Голема чест е да одбележиме една деценија партнерство со Adobe, кое обезбеди темелна поддршка за визионерски, нови гласови. Со нетрпение очекуваме да се собереме во MASS MoCA со талентираната генерација за 2025 година.“





