Ретроспективно–монографската изложба „50 години твроештво“ на Ниче Василев ќе биде отворена вечерва во 20 часот во Галеријата на Завод и музеј Струмица. Настанот е во организација на Здружението за култура „Транзен“, кураторот е уметникот Никола Пијанманов, а промотор на книгата е историчарот на уметноста Марјан Минов.
Со отворањето на изложбата, се одбележува и светската манифестација „Ноќта на музеите“.
Во разговорот со уметникот како дел од монографијата, сликарот Ниче Василев ќе каже:
– Уметноста не се учи. Или ја имаш во себе или не! Вие можете да ги студирате сите школи за уметност, но ако го немате талентот, никогаш нема да бидете креативен и плоден автор. Им препорачувам на младите сликари, пред сè, да се осврнат на сопствените чувства и автентичен израз. Да веруваат во сопствените можности и да ги развиваат, постојано. За мене уметноста е сè! Таа ме прави среќен, исполнет. Среќно е и моето семејство. Уметноста е радост. Таа ги прави сите подобри и посреќни луѓе.
Монографијата и реализацијата на изложбата се финансирани од програмата „Цивика Мобилитас“.