Во Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ во Куманово вечерва во 20 часот ќе биде отворена ретроспективната изложба на слики насловена „55 години ликовно творештво“ на Боро Арсовски – Бабата. Роден е во 1952 година во селото Страцин. Основно и средно образование завршил во Куманово. Со сликарство се занимава од 1969 година како сликар наивец. Воедно изработува скулптури во камен и керамика – теракота.
Првпат излага во 1971 година со Друштвото на ликовните уметници од Куманово, со кое настапува на многубројни годишни изложби ширум Југославија. Учествувал на повеќе од 200 групни изложби, а реализирал четири самостојни претставувања.
За творештвото на Арсовски историчарите на уметноста велат дека тој слика композиции проткаени со етнографски елементи и Македонски народен фолклор.
– Сцените ги конципира на специфични односи на хипертрофирање или атрофирање на поединечни облици и ликови со снажни симболички значења. Посебност во неговото сликарство го чинат портретите кои во натприродна големина ги вградува во зачудувачки сцени и ситуации – пишува Јурај Балдани од Риека.
Според Божидар Тодороски-Бодле, Арсовски слика најразлични ликови, непредвидливи ситуации, неговите бои даваат живост на сликарската фикција.
– Уметникот во своите слики сака да изненади, да воодушеви, да го збуни гледачот. Волшебноста на преобразбата често пати ја приклонува кон хипертрофирана метаморфоза. При тоа посебно внимание посветува на детали полни со визионерство и драматизам – вели тој.
Изложбата во Куманово ќе биде отворена до 15 октомври.





