Ретроспективна изложба со дела на уметникот што го воодушеви светот, Вангел Наумовски, во чест на големиот македонски празник Илинден и по повод 100 години од раѓањето во Охрид вечерва на полноќ ќе биде отворена во галеријата „Охридска порта – Љубица“. Токму првата изложба на Наумовски се случила на овој ден.
Поздравни говори ќе одржат синот на уметникот, Рубенс Наумовски, градоначалникот на Охрид, д-р Кирил Пецаков, како и Јордан Плевнеш. Ќе бидат прикажани инсерти од архивски видеоматеријали – Кирил Темков со Вангел за Вангел, а музичко интермецо ќе одржи гитаристот Владимир Василевски – Четкар. За неговото творештво од архитектонски аспект ќе зборува архитектот Иван Групче на тема „Импресии“, како и Трајко Митревски за „Универзумот на Вангел Наумовски“.
Утревечер во 20 часот, во Куќата на Робевци ќе бидат претставени негови дела од колекцијата на Специјализираната болница за трауматологија и ортопедија Св. Еразмо.
Вангел Наумовски е роден на 22 март 1924, а почина во 2006.
Сеќавајќи се на одбележувањата од самите почетоците откога е отворена галеријата, синот на Вангел, Рубенс Наумовски вели дека годинава ќе се направи ретроспектива во која посетителите ќе имаат претстава како се движел Вангел во неговиот ликовен израз и идеолошка поставеност.
– Вангел имаше изрека: Не Париз да го донесеме во Охрид, туку Охрид и Македонија да ги однесеме во Париз. На овој ден, овде поминале плејада уметници, артисти, поети, академици кои ја збогатувале програмата. Со мојот татко ја нарековме уметност во уметност – рече на денешната прес-конференција, Рубенс Наумовски.
На манифестацијата ќе бидат прикажани и архивски материјали, филмски приказ, за поезијата од Вангел која го открива охридскиот сликар и како создавач, како творец, а ќе има и презентација на „Универзумот на Вангел Наумоски“ од Трајко Митрески која преставува „инспирација од уметник за уметник“.
Сликар од бајките, префинет, суптилен – вака критичарот Жан Мари Дрот уште во 1969 го нарекол Наумовски.
– Мислам дека уште покрај двајца други, тој отишол најдалеку во уметноста. Него не би можеле да го вклучиме во наивната уметност, туку пред сѐ во уметноста со почетна голема буква. Наумовски се раѓа со еден гение, без да биде предвиден во оваа организација на светот. По пет, шест или повеќе години, организаторите на општеството пак ќе се потрудат сѐ да предвидат, но и тогаш ќе се роди Наумовски кој ќе им се смее на сите предвидувања. Не само што вели дека е еден од за него тројцата најголеми уметници кои влегле најдалеку, најдлабоко во уметноста, туку посочува дека Вангел бил толку визионер, толку напред, што ги изненадил сите големи предвидувачи, креатори на денешницата во сите сфери, дури и во ликовната критика и до ден денес е загатка“, рече Рубенс Наумовски.
Манифестацијата за првпат е поддржана од Општина Охрид.