На конференцијата „75 години Институт за педагогија – Воспитно-образовни предизвици и перспективи“ ќе присуствуваат 200 учесници – ректори, градоначалници, универзитетски професори, декани, професори, педагози, наставници, воспитувачи и студенти, вели проф. д-р Елизабета Томевска-Илиевска

Пресек на актуелните образовни случувања во Македонија, но и нови прашања и теми од областа на педагогијата и образованието ќе бидат во фокусот на меѓународната научна конференција „75 години Институт за педагогија – Воспитно-образовни предизвици и перспективи“ која од 16 до 18 мај ќе се одржи во хотелот „Инекс-Олгица“ во Охрид. Со конфренецијата ќе биде одбележан јубилејот – 75 години од основањето на Институтот за педагогија при Филозофскиот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје кој се одржува под покровителство на претседателот Стево Пендаровски.

– Институтот за педагогија е прва и најстара високообразовна институција за едукација на педагози, наставници и воспитувачи во нашата држава – вели проф. Елизабета Томевска-Илиевска, доктор по педагошки науки, редовна професорка и раководителка на Институтот за педагогија.

Проф. д-р Елизабета Томевска-Илиевска

Томевска-Илиевска е претседателка на Организацискиот одбор и член на Програмскиот одбор на конференцијата. Зад себе има 20 години активно учество како образовен експерт и тренер во многубројни меѓународни и национални образовни програми. Учествува во уредувачки одбори на зборници, програмски и организациски одбори на домашни и меѓународни конференции, работата на факултетски комисии. Членка е на Научното друштво за образование и педагогија на Република Македонија. Таа е уредник на Меѓународното списание за образование, истражување и обука во издание на Институтот за педагогија при Филозофскиот факултет во Скопје (International Journal for Education, Research and Training – IJERT) и рецензент на International Journal of Cognitive Research in Science, Engineering and Education. 

Кој сè ќе учествува на конференцијата „75 години Институт за педагогија – Воспитно-образовни предизвици и перспективи“?

– Преку пријавените 123 апстракти од 202 автора од вкупно 21 земја, верувам дека ќе се придонесе од оваа научна конференција да се направи своевиден пресек на образовните актуелни случувања во Македонија, а ќе се актуелизираат и нови прашања и теми од областа на педагогијата и образованието. Секако тие ќе резултираат и со препораки, кои ќе бидат од голема важност преку нивното интегрирање во образованите политики во земјата за исполнување на визијата за поквалитетен воспитно-образовен систем.

На конференцијата се очекува присуство на 200 учесници – ректори, градоначалници, универзитетски професори, декани, професори, педагози, наставници, воспитувачи и студенти. Повеќе информации за конференцијата заинтересираните може да најдат на веб страницата на конференцијата:  или да нè контактират на [email protected]

На конференцијата ќе има многу учесници од земјава и од странство. Што ќе биде во фокусот на нивното изгалање?

– Целта на конференцијата е афирмација и промоција на педагошката дејност пред пошироката академска јавност и можност за продлабочена соработка со универзитетски професори, образовни експерти, истражувачи, едукатори, практичари и студенти од различни земји. По периодот на изолација заради пандемијата, очекуваме на конференцијата да се направи ретроспектива на последните случувања во воспитно-образовната политика, теорија и практика, со што ќе се постигне мултидисциплинарност, да се дискутира за актуелните прашања од сите области на воспитанието и образованието, да се промовираат нови педагошки концепти и идеи и да се споделат резултати од најнови истражувања и иновации. Ќе се направи критички осврт на образовните реформи, вмрежување со универзитети и други образовни институции за идни соработки, посебно во истражувачкиот домен и проектни активности, и како последна цел ќе биде печатење на Зборник на трудови со меѓународен уредувачки одбор.

На овaa научнa конференција со меѓународно значење ќе учествуваат истакнати универзитетски професори и стручњаци од праксата од земјата и странство (Финска, Хрватска, Италија, Унгарија, Турција, Словенија, Полска, Чешка, Израел, Велика Британија, Украина, Казахстан, Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Швајцарија, Албанија, Бугарија, Косово и од Египет).

Придобивките од мултидисциплинарниот пристап во конференцијата се согледува во тоа што бројни автори од различни научни области ќе се осврнат на стручни теми и научни проблеми преку призмата на образованието.
Современици сме на бројни реформски зафати во сите потсистеми на воспитно-образовниот систем во Македонија, во предучилишното, основното, средното, во високото образование, во образованието на возрасни, кои секако треба да бидат следени од будниот критички педагошки разум и око. Педагозите со професионалниот придонес и големиот ентузијазам се справуваат со бројни промени, општествени и образовни реформи, ја испишуваат историјата на педагошката дејност во нашата држава и оставаат значаен „стручен печат“ во воспитно-образовниот развој и подем.

Ќе биде одбележан значаен јубилеј. Во какви услови бил формиран Иститутот и како се развивал?

– Институтот за педагогија е еден од најстарите институти на Филозофскиот факултет во Скопје и својата дејност ја насочува кон наставната и научно-истражувачката работа од областа на педагошките науки. Земја како Македонија, со голема традиција и историја на словенска писменост, веднаш по ослободувањето се затекна со 75 отсто неписмено население. Од оваа причина, во почетната фаза во изградбата на Македонија, најмногу ѝ беа потребни просветни работници. Со овој факт се поврзува и отворањето на студиската група по педагогија на Филозофскиот факултет во Скопје во 1946 година, која во првите три години егзистира заедно со студиската група за филозофија.

Дел од тимот на Институтот за педагогија при ФЗФ

Во 1978/79 година Катедрата за педагогија прераснува во Наставно-научна студиска група по педагогија, а десет години подоцна, како Институт за педагогија. Покрај додипломските студии, Институтот за педагогија од академската 1980/81 година започна со организирање на постдипломски студии на ниво на магистериум. Исто така, од академската 1992/93 година на Институтот за педагогија се воведени и постдипломски специјалистички студии, во траење од една година.

Институтот за педагогија активно се вклучува во процесите на имплементација на принципите на Болоњската декларација. Од академската 2004/2005 година, студиската и предметните програми се ревидирани, осовременети и засновани на Европскиот кредит трансфер систем. Во истата академска година, воведени се постдипломски студии во согласност со ЕКТС. Следуваа измени во наставниот план и програма за постдипломски студии на ниво на магистериум. Покрај насоката Педагошки науки, се воведоа и постдипломските студии по Менаџмент во образованието. Покрај магистерските и специјалистичките студии, на Институтот постојат и докторски студии.

На Институтот за педагогија од 2018/19 година се воведува и новата Студиска програма за андрагогија и во оваа академска година се очекува да дипломира и првиот андрагог. На Институтот за педагогија се изведува и програма за педагошко-психолошка и методска доквалификација, за наставници од основните и средните училишта, кои дипломирале на ненаставнички факултети од сите области. Со ваква диплома се здобија голем број кадри, кои денес се успешни наставници во основното и средното образование на Македонија. Од редовите на Институтот за педагогија потекнале истакнати педагози, министри за образование, декани на факултети, директори на просветни институции, магистри и доктори на педагошки науки. На Институтот за педагогија до сега дипломирале 3.336 студенти, магистрирале 388 студенти и докторирале 107 кандидати.

Низ еден кус преглед, каде ги гледате најголемите достигнувања на оваа институција во изминатиот период?

– Благодарение на високиот квалитет кој го дава Институтот, професорите партиципираат во креирањето на националните образовни политики, преку креирање значајни стратешки документи во областа на воспитанието и образованието. На планот на проектните активности се остварија многу интензивни контакти и соработка со голем број на донатори и институции во земјата и во странство. Се очекува оваа соработка во наредниот период уште повеќе да се засили. Научноистражувачката дејност на членовите на Институтот, исто така претставува значаен дел од делокругот на работата на Институтот за педагогија на Филозофскиот факултет во Скопје. Во изминатиов период, од страна на наставниците и соработниците на Институтот објавени се импозантен број на научни и стручни трудови, книги, монографии, студии и учебници од областа на педагогијата, а свои трудови имаат издадено во повеќе реномирани стручни и научни списанија и публикации во земјата и во странство.

Томевска-Илиевска до деканот на Филозофски факултет, проф. д-р Ратко Дуев

Институтот за педагогија самостојно или во соработка со други институции, има организирано поголем број научни и стручни собири (конференции, симпозиуми, советувања, трибини) посветени на темите од значење за развојот на педагошката теорија и практика кај нас. Професорите се вклучени во стручни и научни друштва и во повеќе редакциски совети и одбори. Голем дел од активностите се состојат во соработка со домашни и меѓународни академски, владини и невладини организации.

Концептот на структурата на Студиската програма по Педагогија произлегува од потребите за осовременување на студиите и нивно прилагодување на современите светски тенденции во областа на педагогијата, како и на реформските зафати кои се случуваат во нашата земја во сферата на воспитанието и образованието. Во фокусот на овие измени е студентот и потребата тој да се образува на современ начин. Нашата визија е креирање на студиска програма и образование кое ќе биде ориентирано кон студентот, образование кое ќе ги интегрира базичните педагошки дисциплини, изворното воспитание и образование, образовните стандарди и етички принципи.

УСЛОВИ ЗА ПРЕЗЕМАЊЕ
Текстовите, фотографиите и останатите материјали што ги објавува Умно.мк се авторски. Крадењето авторски содржини е казниво со закон. Бесплатно преземање е дозволено исклучиво на 20 отсто од содржината со задолжително цитирање на медиумот и хиперлинк до оригиналната содржина на Умно.мк.