Ретроспективна изложба на творештвото на Теофил Шулајковски-Тофе вечерва во 20 часот ќе биде отворена во галеријата Чифте амам во Старата скопска чаршија. Тој е еден од ретките македонски уметници кои до сега немале ваков вид на интегрално претставување. На изложбата ќе бидат презентирани повеќе од 150 дела на македонскиот бард на акварелот од сите негови творечки фази.
Теофил Шулајковски-Тофе (Дебар, 1934 – Скопје, 2009) се вбројува во рангот на најзначајните македонски акварелисти.
– Тој се издвојува од колегите уметници преку доследноста во ликовната дисциплина акварел и преку сопствената современа поетска естетика. Ја продолжува оваа насока, надоградувајќи се на почетокот врз основите и искуствата на нашите големи мајстори – втемелувачи на модерниот македонски акварел од дваесеттите години на минатиот век, но и по светските војни, кои се школувани во балканските центри: Димитар Панилов Аврамовски, Љубомир Белогаски, Вангел Коџоман, Василие Поповиќ-Цицо, Зага Малинковска. Тој донекаде, сосема логично, ги наследува искуствата од просторите во кои се оформувале и неговите претходници, односно ги впива и искуствата од претходната основоположничка генерација – велат од Националната галерија.
Шулајковски зад себе оставил огромното творештво. Во историјата на македонската ликовна сцена тој се издвојува и е забележан како автор на препознатливи дела со предзнакот акварел. Најраниот период, околу 1957 година го означуваат реалистични акварели со пејзажи на паркови (Скопскиот парк), архитектура (Маркови кули, Самуилова тврдина, Скопско кале), селска архитектура, цркви, па дури и речиси апстрактни пејзажи, со бои и тоналитет близок на македонското поднебје.
Следи периодот кој соодветствува со анформелниот период на 60-те години, кога создава дела со апстрактен предзнак, а во кои се насетува неговата лирска насоченост со заситени земјени тонови. Индивидуалниот и подоцна препознатлив и определен израз на пејзажист го оформува во следниот циклус од 70-те години, кој е инспириран од воздухот и водата. Формирајќи различни планови на сликата, авторот е одушевен од природата, односно од односите вода и воздух во сета нивна корелација и динамичност. Во овие природни релации тој се потврдува како еден од ретките мајстори кои сликаат на отворено и со невидена аналитичност ги следат движењата на природата, промените на небото, брановите на реката и езерата (Радика, Дебарско и Охридско езеро), струењето на воздухот, структурата на карпите…, најпрво со брзи и прецизни ритмични потези со сува четка, а потоа и со ослободеност кон лириката на создавањето на лазурни прикази и восхитеност од флуидот на водената површина.
Односот кон просторот некако природно се наметнува во 80-те години каде е нагласена флуидноста на просторот во парковите, пошироките пространства (некаде со форми на стара архитектура, многу ретко човечка фигура) и мочуриштата со трски (чии дури филигрански линии се карактеристично минуциозно присутни преку одвоени енергични потези). Од друга страна, пак, овие предели се претопуваат стануваат дури и апстрактно експресивни и контрастни, па дури и наговестуваат специфична надреална атмосфера. Од 1990 година започнува големиот циклус „Воскресение“ каде започнува специфична приказна на остварувања во кои се соочуваме со изразена тарнеровска драматика во судирот на светло-темните колористички пејзажи, се појавуваат комплексни композиции со мноштво фигури и архитектонски инспирирани од сакрални теми (ликови кои асоцираат на фрески и архитектура која асоцира на цркви).
– Ликовниот ракопис на Тофе Шулајковски се надополнува со дела кои прогресираат во своевидни нагласено колористични и надреални пејзажи во кои се забележуваат посветли бои, но и безгранично разиграни и расчленети форми на комплексни организми врз дводимензионалниот третман на површината, претопувајќи ги објектите во просторот. Оваа фаза е проткаена со надреална и заситена атмосфера која поттикнува загадочни и носталгични реминисценции од едно далечно време и во која се чувствува топлината на спомените, придружени со нагласена фактура и пластична организација на композицијата – велат кустосите од НГМ.