Ретроспектива на опусот на Столе Попов, македонскиот филм во фокус на Кинотеката

 Ретроспектива на филмовите на Столе Попов, годинашен добитник на наградата „Златен објектив“, но и други македонски филмови ќе бидат во фокусот на програмата на Кинотеката за месецов. Кон крајот на месецот, ќе му биде врачена наградата на режисерот, сценарист, продуцент и автор, кој со својот наградуван филмски опус, остава силен печат во нашата култура.

На големото платно во киносалата повторно ќе може да се видат клучните остварувања со неговиот режисерски потпис – документарните филмови „Оган“, „Дае“, „Австралија, Австралија“, како и антологиските играни филмови „Црвениот коњ“, „Среќна Нова 1949“, „Тетовирање“. Во рамките на циклусов ќе биде прикажан и македонскиот револуционерен вестерн-проект, „До балчак“, реализиран по сценарио на легендата на македонската театарска и филмска драматургија, Горан Стефановски.

Домашната киносцена ќе биде претставена и преку ретроспективна проекција на кратки форми. Филмофилите ќе бидат во можност повторно да ги видат филмовите потпишани од етаблираните дејци Кочо Недков, Дарко Марковиќ, а ќе биде прикажан и краткиот филм „Влакна“, по сценарио и во режија на Елеонора Венинова.

Повеќе за програмата, на следниот ЛИНК.

Сподели