Голема ретроспективна изложба на дела од Димитар Кондовски, еден од највпечатливите уметници во Македонија, ќе биде отворена вечерва во 20 часот во Даут-пашиниот амам во Скопје. Изложбата ќе ги опфати сите периоди од неговата творечка дејност. Кондовски е еден од малкутемина македонски ликовни уметници чие творештво остави неизбришлив, длабок и траен белег во времето. Неговиот исклучителен творечки опус е камен-темелник врз кој се гради и доградува современата македонска ликовна уметност.
– Кондовски зад себе остави импозантен творечки опус со уште несогледани димензии. Целта на изложбата е систематизирање на дејноста на овој исклучителен автор и расветлување на оние доминантни аспекти кои ја одредуваат неговата творечка дејност. Ваквиот методолошки приод овозможува увид во сложениот сплет од влијанија, идејно-естетски тенденции и авторски преокупации на уметникот – велат од Националната галерија на Македонија.

Кондовски е роден во Прилеп, во 1927 година, а починал во Скопје во 1993 година. Дипломирал на Академијата за ликовни уметности во Белград, во 1952 година. Во 1958 година бил на студиски престој во Париз, а во текот на 1961/62 година специјализирал ѕидно сликарство во Рим. Од 1952 до 1956 година работел како професор по ликовно воспитување во Скопје. Од 1956 до 1960 година работел како илустратор. Од 1960 до 1972 година бил слободен уметник. Од 1972 до 1980 година бил професор на Педагошката академија во Скопје. Во 1980 година бил избран за професор на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, каде работи до 1987 година. Во 1991 година бил избран за член на Македонската академија на науките и уметностите.
Самостојно излагал свои дела во: Скопје и Загреб (со Спасе Куновски), 1957, Рим, 1962, Зрењанин (со Богољуб Ивковиќ), Скопје, 1963 (со Хаџи Бошков), Нови Сад, 1970, Скопје, 1977 (25 години уметничка дејност), Тетово, 1978, Белград, 1978, Прибој, 1978, Њујорк, 1978, Сиетел, 1978, Торонто, 1979, Скопје, 1992 (пристапна изложба во МАНУ). Автор е на голем број тетарски и телевизијски сценографии (над двесте сценографски решенија за телевизиски емисии, за драми, за балетски и оперски претстави), а има опремено и неколку стотици публикации, со повеќе од две иљади илустрации. Еден е од оснивачите на групите „Денес“ и „Мугри“. Излагал на околу двесте групни изложби во земјата и во странство.

– Својата творечка дејност Кондовски ја надоврзува на две значајни насоки по кои се движи и денес ликовната уметност. Едната детерминанта која го одредува неговото творештво е геометриската апстракција. Таа својот особен израз ќе го најде во геометриската конструкција на неговите дела, користењето сложени математички пресметки за да се постави основната композиција, геометриските модули и канони за одредувањето на пропорциите. Втората детерминанта што го одредува творештвото на Кондовски е сликарството на знакот и симболот – велат од НГМ.
Во неговите дела знакот секогаш поседува високо симболична вредност. Тој уметноста ја разбира како херменевтика, како откривање на шифрата на светот, како пронаоѓање на тајниот клуч на универзумот.





