Решат Амети е сликар на тајната, на магијата

Ви споделуваме рецензија по повод изложбата на Решат Амети, што ќе биде отворена утревечер во 20 часот, во Младинскиот културен центар во Скопје

Пишува: Климе Коробар, историчар на уметноста

За сликарството на Решат Амети можеме слободно да кажеме дека тоа не е одраз на надворешната реалност, туку тоа претставува внатрешна слика на душата. Тој со своето дело целосно е предаден на модерната уметност, при што сака да нè потсети дека ништо не е апстрактно, дека сè има свој корен и развиток. Од неговите слики зрачи традицијата
на еден чуден и нему својствен начин. Пред нас се апстракни слики полни со боја и светлина кои нè потсетуваат на рачно ткаените килимчиња излезени од рацете на нашите баби, во кои конците тежнеат да направат килимче со идеална убавина за да ја наполнат нашата душа , затоа што и основна цел на уметникот е да создава убавина. Не случајно еден голем дел од неговиот циклус на слики има наслов „Од традицијата“.

Неговите слики всушност претставуваат претопување на традицијата со модерното, при што не можеме да поставиме јасна граница каде почнува едното, а каде завршува другото. Кога ќе го погледнеме пак другиот циклус на слики именувани како „Енигмa“ или слободно можеме да ги именуваме како магија, слики на темата геометриска апстракција која авторот ја нарекува „лирска апстракција“, со што јасно нè упатува во светот, на психичката реалност и поетиката во неговите слики.

Нема сомнение дека Решат Амети е сликар на тајната, на магијата, која на своите платна ни ја разоткрива преку намазот на бојата и светлината.

Затоа за неговото сликарство можеме да речеме дека претставува внатрешна слика на душата. Неговите имагинарни предели на душата тежнеат кон убавина, која гледачот треба да ја впие во себе, за да може да го почуствува величествениот момент на
светлината. Затоа што, само преку неа можеме да го осознаеме светот кој нè опкружува, но и духовниот свет кој ги осветлува нашите души на кое целосно му е посветено сликарството на Решат Амети.

Сподели