Рекордна година за средното стручно „Владо Тасевски“, пополнети уште две паралелки во однос на лани

Ние важиме за училиште со добра инфраструктура. Дополнително и пазарот на труд си покажува побарувачка. Учениците добиваат можност по завршување на училиштето да почнат да работат веднаш, а и добро да заработуваат. Тоа е примамливо – вели Сибинoвски.

Средното стручно училиште „Владо Тасевски“ од Скопје годинава бележи рекорден број на 254 вкупно запишани средношколци. 67 полуматуранти повеќе се запишаа во ова средно стручно училиште. Ова е само едно до училиштата каде годинава е зголемен интересот на деветтоодделенците за да го продолжат своето образование. Средното стручно образование станува се’ попривлечно за младите.
Разговараме со Александар Сибиновски, директер на „Владо Тасевски“, кој е презадоволен од двата уписи. Следува и третиот во август, но тој вообичаено, не се очекува да донесе големи промени.

– Изминатите 4 години континуирано се зголемува бројот на учениците што се запишувааат кај нас. Годинава запишавме плус две полни паралелки. Иако генерално вкупната бројка на деветтоодделенци, за жал, со емиграцијата, се намалува, ние имаме зголемен број ученици. Обрнавме внимание на сите основни училишта во Скопје, што гравитираат кон нашето – да речеме, училиштата од Аеродром, Кисела Вода, Драчево. Имавме одлична кампања на социјалните мрежи и тоа си придонесе исто така за успехот – вели Сибиновски.

Според официјалните бројки на Министерството за образование и наука, по двата уписни рока, во средните училишта се запишааа 15481 ученик.
Според видот на образованието, во двете пријавувања запишани се вкупно:

4652 ученици во гимназиско образование од кои:

3163 ученици на македонски наставен јазик;
1331 ученици на албански наставен јазик;
148 ученици на турски наставен јазик и
10 ученици на српски наставен јазик.

11.428 ученици во стручно образование од кои:

8482 ученици на македонски наставен јазик;
2 774 ученици на албански наставен јазик;
172 ученик на турски наставен јазик.

Во однос на минатата година, бројот на запишани во средното стручно образование пораснал за 1,151 ученик, односно лани изнесувал 10.277, додека, бројот на ученици во гимназија опаднал за 49 ученици.

Според Сибиновски, пресудно за учениците да се одлучат за средното стручно образование е влијанието од родителите, односно од дома, но дека многу помогнале и разните кампањи што се организираат низ годините.

– Многу помага ако едно дете сподели со други деца за позитивно искуство. Верувајте, тогаш добивме и по 10-15 ученици од една паралелка. Ние важиме за училиште со добра инфраструктура. Дополнително и пазарот на труд си покажува побарувачка. Учениците добиваат можност по завршување на училиштето да почнат да работат веднаш, а и добро да заработуваат. Тоа е примамливо – вели Сибинивски.
Според него, веќе од наредната учебна година, и тоа како ќе се издвојат ученици од средните стручни училишта во однос на изборот да се студира на некоја сродна наука, затоа што од в година учениците од средните стручни школи ќе полагаат стручна матура. Околу 40 отсто од матурантите од ова стручно училиште избираат да продолжат во високото образование.

– Ако некој заврши компјутерска техника и е посветен ученик, верувајте дека полесно ќе се запише на некој електро-технички факултет и да се снајде на пазарот на трудот.
„Владо Тасевски“ е едно од првите училишта што воведоа дуално образование. Некои од паралелките имаат пракса и кај работодавци. Годинава излезе првата генерација матуранти од дуалното образование.

– Учениците немаат многу информации за самите училишта, туку првично се одлучуваат за добра струка. Дуалното образование е одличен модел. Сега веќе немаме практична работа во училиште, туку учење преку работа. Во машинска струка соработката ни е најчесто со поголеми компании… Компаниите многу често и несоодветно го поимаат дуалното образование, па си даваат за слобода да сакаат веднаш да ги изберат најдобрите ученици, а не да работат со сите деца од една паралелка. Нашиот став е дека мора целиот клас да биде вклучуван во практичната работа, а по завршувањето, да се избираат најдобрите. Учениците во дуалното образование добиваат оброк, надоместок, патни трошоци… Учениците се едни со интересите во прва година, други се во четврта, поразлично созреани и треба на сите да им се даде подеднаква поддршка – вели Сибиновски.
Тој истакнува дека училиштето има доволен број на квалитетен кадар.

Сподели