Рецитал на Иван Наумовски и Елена Атанасовска во Скопје

Во Музејот на македонска борба вечерва во 20 часот рецитал ќе одржат бас-баритонот Иван Наумовски и пијанистката Елена Атанасовска. Под наслов „Песни од патувања“, тие ќе изведат уметнички песни на неколку јазици. На програмата се дела од дела од Р. Шуман, Ј. Хајдн, Ј. Брамс, Ж. Ибер, Р. В. Вилијамс, но и дела од македонските автори Томислав Зографски, Горан Начевски и Дарија Андовска. Влезот на концертот е слободен.

Композиторот Начевски на Наумовски му го посветил своето видување на македонската народна песна „Параходот“, а композицијата „Марика мома убава“ од Зографски е веќе култно дело во македонската музичка историја. Со македонската премиера на композицијата „Со маки сум се родил јас“, Иван Наумовски го заокружува циклусот „Песни од татковината“ од композиторката Андовска, чија изведба ја започна на целовечерниот концерт на маестро Симон Трпчески.

Наумовски дипломирал во Скопје соло пеење, магистрирал во Виена на државниот универзитет. Добитник на наградата „Виртуози“ за најдобар млад музички уметник во Македонија.

Сподели